СДСМ отфрла бојкот, Ковачевски повика на масовна излезност на 8 мај

За одговорност околу лошиот резултат на изборите ќе се расправа по гласањето на 8 мај, рече лидерот на СДСМ


 

Димитар Ковачевски денеска ги отфрли наводите што почнаа да се појавуваат во јавноста дека СДСМ, наводно, размислувал за бојкот на вториот круг на претседателските избори велејќи дека тоа е неточно. Во исто време повика на масовна излезеност и на претседателските и на парламентарните избори на 8 мај.

„Тоа е неточно. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на изборите на 8 мај и да го поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата ‘За европска иднина’ на парламентарните избори. Без исклучок да имаме масовен одѕив, да избереме и претседател и парламентарен состав и Македонија да продолжи на својот пат на европските интеграции“, рече Ковачевски.

За слабите резултати од првиот круг Претседателски избори, на кои нивниот кандидат Стево Пендаровски доби околу 180 илјади гласови, изјави оти е „факт  дека граѓаните пратиле многу јасна порака која СДСМ јасно ја примил“. Очекува многу поголема поддршка во втор круг, во кој, рече, продолжуваат „со крената глава“.

„Ние ја примивме пораката во првиот круг на претседателските избори за сите грешки коишто беа направени во текот на изминатите седум години. Седум години не е мал период на водење влада. Но, очекуваме со разговор со граѓаните во сите градови, во сите села во државата да ја добиеме поддршката во вториот круг за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски… Но, со крената глава продолжуваме во вториот круг“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по средбата со претставници на МАСИТ. 

На прашањето од кого ќе добијат поддршка во втор круг и дали очекува прелевање гласови од други партии и од граѓани Албанци, одговори дека поддршка ја очекуваат од сите граѓани, без разлика на припадноста. 

„Никој не ги има гласачите под своја контрола, да ги чува некаде и да ги наведува како да гласаат. Ние имаме кандидат кој е граѓански. Пендаровски е кандидиран со над 22 илјади потписи од граѓаните и е поддржан од коалицијата на СДСМ. И тој јасно кажа на неговата прес-конференција дека ќе ја бара поддршката од граѓаните, а не од кандидатите кои не се пласирале во вториот круг“, рече Ковачевски. 

Тој потврди дека како лидер на СДСМ има разговори со политичките партии, како што рече, „на различни нивоа“.

Ковачевски повика на масовна излезност на изборите на 8 мај за да се изберепретседател на државата со којшто ќе имаме сигурна, европска иднина на државата, и да се избере парламент кој ќе носи храбри одлуки за државата „за на граѓаните да им го дадеме она што го очекуваат и заслужуваат“, нагласи Ковачевски. 

Не е точно, рече тој, дека Пендаровски добил помалку гласови отколку што има членство СДСМ, затоа што, рече, партијата што ја предводи има 74 илјади регистрирани членови. 

На прашањето дали ќе понесе одговорност и оставка поради слабите резултати, Ковачевски одговори дека до одговорност и за причините се доаѓа врз основа на анализи на ниво на општински организации во партијата, и на ниво на Централниот и Извршниот одбор.

„Потоа телата на партијата ги носат одлуките како партијата ќе продолжи понатаму. Така било од формирањето на партијата, така ќе биде и по овие избори и после секои други избори, рече Ковачевски и додаде дека „стандардна процедура е во СДСМ“ е и во статутот е регулирано одржувањето конгрес  со анализа на резултатите и потоа избори на кои се бара изјаснување за претседател на партијата и на партиските  органи.

Тој уште еднаш повтори дека партијата се зaлага за спроведување ветинг, т.е. проверка на имотот на сите судии, обвинители и политичари.  (Н.В.)