СДСМ ќе има четири министерки, се враќа и Славица Грковска
Четири жени од владата (сите предлози на СДСМ) заминаа, доаѓаа исто толку жени во новиот кабинет

Централниот одбор на СДСМ вечерва ги одреди кандидатите за министри во новата влада на мандатарот Димитар Ковачевски. Нема изненадувања околу имињата. Министерка за одбрана треба да биде пратеничката Славјанка Петровска, која во техничката влада беше заменик-министер за внатрешни работи.
Сегашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, си оди од функцијата со признание за нејзиното лидерство во процесот на зачленување на нашата држава во Алијансата и за нејзината визија за развој на одбраната и на Армијата согласно стандардите на НАТО. Признанието на Шекеринска ѝ го врачи американското одбранбено аташе, полковникот Питер Роуел.
На местата пак на Јагода Шахпаска во МТСП и Ирена Стефоска во Култура, доаѓаат други социјалдемократки: директорката за Инспекторатот за труд, Јована Тренчевска, и пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска. Министерството за правда ќе му припадне на непартиски кадар, Никола Тупанчевски, долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје.
Поранешната пратеничка Славица Грковска, која сега е во меѓународна ИТ-компанија, ќе ја преземе вицепремиерската функција за борба против корупцијата. Љупчо Николовски, се враќа во неговиот поранешен ресор – земјоделство.
Со тоа, се очекува и во Владата на Димитар Ковачевски да има четири министерки од СДСМ и да ја пополни женската квота.
Во новата влада останува досегашниот министер за правда, Бојан Маричиќ, но ротира на вицепремиерско место во Секретаријатот за европски прашања, односно на позицијата на Никола Димитров. Досегашните позиции во Владата, пак, се очекува да ги задржат досегашните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски – Оливер Спасовски, кој неодамна се повлече од потпретседателското место во СДСМ и Благој Бочварски, кој порано исто така беше потпретседател на владејачката партија, а едно време беше и градоначалник на Штип. Реизбраниот потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, останува вицепремиер за економија.