СДСМ ќе бара премиер, вицепремиери, министри и пратеници да имаат само македонско државјанство


Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска

 СДСМ денеска ќе поднесе иницијатива за законски измени со кои услов за избор на највисоките функционери во државата – премиер, вицепремиери, министри и пратеници – да биде лицата да поседуваат единствено македонско државјанство. СДСМ ќе бара ваквите измени да важат веднаш, односно и за актуелните функционери.

„Бидејќи Мицкоски вели дека имало поголеми и помали Македонци, а Божиновска била најголема Македонка, тие измени ќе бараме да важат веднаш, од актуелниот состав. Нашите институции мора да ги водат луѓе кои имаат само една држава и лојалност кон само една држава, кон Република Северна Македонија. Време е оваа Влада да покаже дали сака вистински патриотизам или ќе се служи со лажниот и понатаму“,изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.

Кузеска алудира на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, во која, обраќајќи им се на пратениците на СДСМ, рече дека министерката Сања Божиновска е многу поголема Македонка од сите нив заедно. СДСМ побара поддршка од граѓаните за ваквата иницијатива велејќи дека политичарите мора да му бидат лојални на народот и да бидат луѓе кои, како што велат од партијата, искрено стојат зад државата и може да ја водат напред.

Освен ваквата иницијатива, од опозициската партија побараа оставка од министерката за енергетика Божиновска.

„Јавно беше објавен документот со кој таа самата потврдува бугарска самосвест. Документот носи нејзин личен потпис. Ова ја разобличува нејзината лага дека адвокати ѝ ја потпишале изјавата. Дополнително, нејзиното тврдење дека бугарско државјанство добила за економски причини е далеку од вистината. Бугарија не беше членка на ЕУ во 2004 година, кога Божиновска го добила државјанството. Економските можности во Бугарија беа послаби од оние во Македонија во тоа време. Ако економски причини не се причината, тогаш прашањето е: кои се вистинските мотиви? Дали навистина има бугарски национални чувства кои ја мотивирале на ваков чекор?“, велат од СДСМ.

Бугарската агенција БГНЕС вчера објави документ од декларацијата со која актуелната министерка за енергетика Сања Божиновска во октомври 2004 година изјавува дека има бугарска самосвест.

„Изјавувам дека имам бугарска самосвест и бугарско потекло“ – БГНЕС ја објави декларацијата потпишана од министерката Сања Божиновска. Божиновска, пак, тврди дека во моментов не поседува валидни бугарски документи.Вели дека побарала отпуст од бугарското државјанство на 14 септември минатата година, а оти во минатото го поседувала од економски, а не од национални причини.