„Мицкоски сака да ја продаде водата и струјата“: СДСМ бара мораториум за дата центри

Од опозициската партија велат дека еден голем дата центар троши меѓу 1 и 3 милиони литри питка вода дневно


 

СДСМ бара да се воведе мораториум на изградба на нови странски комерцијални дата центри кои користат систем со вода и предупредува дека Владата на Христијан Мицкоски турка проекти кои носат сериозни ризици за водните и енергетските ресурси на државата.

На денешната прес-конференција на СДСМ, Кристијан Дојчиновски рече дека „Мицкоски и ВМРО-ОКГ сакаат да ги продадат водата и струјата на граѓаните за интереси на странски дата центри и сопствени тендерски профити“.

„Мицкоски и ВМРО-ОКГ инсистираат на големи комерцијални дата центри во Македонија, и покрај сериозните ризици кои ги носат овие проекти и покрај примерите од светот каде градовите и државите се откажуваат од нив“, истакна Дојчиновски.

Тој посочи дека иако дигиталната трансформација е важен приоритет, привлекувањето на хипер-скала дата центри претставува непропорционален стратешки ризик за државата.

„Овие објекти трошат екстремни количини електрична енергија и чиста вода, додека економскиот поврат – вработување и даночни приходи – е минимален. Еден голем дата центар троши меѓу 1 и 3 милиони литри питка вода дневно, колку што троши град со 15.000 до 30.000 жители“, рече Дојчиновски.

Во услови на климатски промени, суши и воден стрес, ваквите проекти може директно да влијаат врз достапноста на ресурсите за граѓаните и земјоделството.

„Нашиот енергетски систем е веќе ранлив. ЕСМ работи со загуби и застарена технологија, МЕПСО има проблеми со балансирањето поради соларниот бум, а ЕВН се соочува со раст на пазарните цени. Додавањето на масивни 24/7 потрошувачи ќе ја зголеми зависноста од увоз, ќе ги покачи сметките за струја за граѓаните и ќе ја загрози стабилноста на мрежата“, нагласи Дојчиновски.

Тој додаде дека економските придобивки од ваквите инвестиции се ограничени.

„Вработувањето е исто така разочарувачко, само 25 до 50 директни работни места по објект, со поголемиот дел од управувањето од далечина. Ова не е развој, туку создавање на ‘изолирани острови’ кои црпат ресурси, а профитот го извезуваат надвор“, рече Дојчиновски.

Посочувајќи на примери од повеќе земји, тој истакна дека во Холандија, Ирска и повеќе сојузни држави во САД веќе се ограничуваат или стопираат вакви проекти поради нивното влијание врз водните ресурси, електроенергетскиот систем и животната средина.

СДСМ бара мораториум на изградба на нови комерцијални дата центри а доколку се дозволат помали проекти за државни потреби, инвеститорите да бидат законски обврзани на исклучиво воздушно ладење без потрошувачка на вода и сопствено производство на енергија преку соларни паркови и батерии, без повлекување електрична енергија од националната мрежа.