СДСМ: Данела ветува, а не знае ни колку ќе чинат 250-те автобуси


 

Откако уште еднаш избега од ТВ дуел со Петре Шилегов, Арсовска во интервјуто на „Телма“ покажа дека има елементарни непознавања за раководење со Град Скопје, велат од градската организација СДСМ Скопје.Според нив, „Арсовска не знаеше да каже ни колкав е буџетот на градот за 2021, а сака да биде градоначалник на Скопје“.

-Арсовска не знаеше да каже ни колку точно во бројки ќе чинат нејзините 250 автобуси и бесплатниот јавен превоз, па новинарката Лупевска мораше да и направи математика дека може и милијарда евра да се потребни за таков проект.

Арсовска не знаеше да каже ни каде ќе бидат лоцирани ветените мега-паркови по урнек на градскиот парк во Скопје, затоа што и мало дете знае дека Скопје нема толку неурбанизиран простор.

Арсовска не знаеше ни да објасни како ќе го реши проблемот со гасификацијата, затоа што нема основни познавања за проблематиката.

Данела Арсовска не ги знае овие елементарни работи за Скопје, затоа што никогаш не ја интересирале Скопје и скопјани. Она што најмногу ја интересирало Арсовска е како да упропастува јавни добра како скопската сала „Расадник“, за да прави профит за нејзините семејни фирми.

Токму затоа што не знае, избегнува новинарски прашања за нејзините мегаломански и утопистички ветувања и бега од дебати и соочувања со Петре Шилегов, се вели во партиското соопштение.

 Данела Арсовска, во вечерашното гостување на Топ тема ги отфрли обвинувањата дека бесплатениот јавен превоз за сите граѓани на Скопје е невозможен, тврдејќи дека со добро менаџирање на буџетот можно е исполнувањето на сите проекти, не само на овој.Во 2020 година дотацијата на Градот Скопје за ЈСП изнесувала 12,5 милиони евра , а ова претпријатие само во првите 6 месеци годинава покажало загуба од 139 милиони денари.

Запрашана како планира од буџетот на Град Скопје, кој според приходите и расходите оваа година е во минус од нешто повеќе од 12 милиони евра, да ги зголеми приходите  не само за да се финансира бесплатниот јавен превоз, туку и евентуалната набавка на нови 250 автобуси, таа рече дека годинава во буџетот на Градот стигнале како приходи и дека трошоците таму се енормни, споменувајќи договори за кафански услуги дури и пред изборите. 

Таа во интервјуто исто така рече дека до 2018 година го користела јавниот превоз, а потоа била спречена поради повреда на ногата.

-Пред 2018 година го користев јавниот превоз. Бидејќи имам проблем со ногата, имав скршеница на две места и од 2018 бев трајно онеспособена да ја имам функцијата на десната нога, оттогаш не можам да чекам 30 минути автобус. Планирам да го користам јавниот превоз кога ќе се чека по 3-4 минути. А, возењето со автобусот, сакавме да го направиме за новинарите, а не за реклама. Да направиме една тура за новинарите, за да можат и тие самите да видат каква е состојбата на патеката, вели Арсовска.