СДСМ: Данела Арсовска е унгарски конзул со бугарско државјанство


 Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ, објави денеска на прес-конференција дека „кандидатката на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска“  има бугарско државјанство.

 

-Во „Удостоверение“ од бугарското министерство за правда јасно се наведува дека потпретседателот на Бугарија со указ од 2011 ѝ дал на Арсовска бугарско државјанство. Цели десет години Данела Арсовска има резервна татковина. Од кои побуди г-ѓо Арсовска побаравте бугарско државјанство? За чии интереси одработувате? За унгарските? За бугарските? За оние на Груевски?

Не може Арсовска да се грижи за интересите на скопјани кога има бугарско државјанство и е почесен конзул на Република Унгарија. Ова е класично потценување и навреда на скопјани. Зарем мислите дека скопјани ќе дозволат некој кој е инсталација на Груевски од Будимпешта, некој кој е државјанин на друга држава, да го руши градот? Странски инсталации кои работат директно против интересите на граѓаните нема да поминат. Г-ѓо Арсовска уште колку тајни криете вие од скопјани? – ја запраша Петровска кандидатката за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ што официјално се трка како независна.