СДСМ бара селекција на домашниот отпад место да се увезува туѓ

СДСМ реагира на информацијата дека државата барала дозвола од ЕУ за увоз на отпад, како една на листата главно неразвиени земји кои го прават тоа во светот. Од друга страна Македонија тоне во отпад и е една од ретките земји во Европа што нема систем за рециклирање и место да заработува од своето ѓубре, увезува и дополнително загадува.
-Во услови кога Македонија не успева соодветно да го организира и да управува со отпадот кој што се создава дома, кога на секое ќоше никнува нова дива депонија, кога општините не се кадарни да воспостават системи за селекција и рециклирање на отпадот, кога сите показатели покажуваат дека сме лидери во загадувањето и се зголемува бројот на заболени и смртност кај населението, при реформа на инспекцискиот систем која им ја одзема независноста на инспекторатите, се поставува прашањето дали бизнис интересите се поважни од животната средина и нашите граѓани?
Македонија се гуши во сопствениот отпад, општинските депонии се нестандардни, системите за регионално управување со отпад не се воспоставуваат,а диви депонии никнуваат секој ден се повеќе.Не е прашањето дали станува збор за отпад од т.н. зелена листа и дали истиот би се увезувал како суровина, станува збор за неисполнети услови во државата за управување и сериозна контрола на отпадот. Дали во моментов можеме да покажеме еколошко управувано рециклирање?
Наместо изразување на намера да увезуваме отпад, владата и општините треба да ги засукаат ракавите и да се зафатат сериозно со намалувањето на количините на отпад кои ги депонираме, да започнат со воспоставување на селекција која ќе обезбеди доволни количини на отпад за преработка, порачуваат од СДСМ.