СДСМ: „10 милијарди евра за 10 години“ – нова должничка замка, а нема развој
Опозициската СДСМ преку соопштение реагираше на најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека во наредните 10 години ќе се инвестираат 10 милијарди евра за инфраструктурни проекти, оценувајќи дека не станува збор за развојна стратетија, туку за должничка замка.
„Ова не е развојна стратегија. Ова е нова должничка замка за граѓаните. Мицкоски веќе и додаде на Македонија преку 2,3 милијарди евра нов јавен долг за нешто повеќе од две години. Ако се реализира и дел од овие најави, долгот ќе надмине 12-13 милијарди евра, само нов долг“, велат од СДСМ.
Тоа, според нив, значи повисоки камати, поскапо задолжување и помалку пари за плати, пензии и јавни услуги.
„Покрај тоа, најавата предвидува само 57 километри автопат за 10 години – односно 5,7 километри годишно. Ова е крајно недоволно за сериозен економски раст и подобра поврзаност на земјата, се наведува во соопштението на СДСМ.
Уште поалармантно е што нема јасни извори на финансирање. ЕУ фондовите се блокирани поради отсуство на реформи, буџетот е празен, а странските инвестиции паднаа за 60 отсто, оценува СДСМ, додавајќи дека единствената преостаната опција е ново задолжување – што значи уште поголем товар за граѓаните.
„Наместо да се фокусира на вистински развој преку продолжување на европскиот пат, подобрување на деловната клима, владата произведува пропагандни најави без финансиска и институционална подлога. Резултатот ќе биде уште поголем јавен долг, послаб економски раст и долгорочно послаб животен стандард за граѓаните“, се вели во соопштението на СДСМ.