Саудиска Арабија и Емиратите бараат од Трамп да ја продолжи војната со Иран


 

Арапските држави од Заливот се загрижени поради намерата на Доналд Трамп да склучи договор за прекин на војната со Иран, што би ги оставило во регионот со огорчен и сè уште моќен противник, и инсистираат на продолжување на воените дејствија, изјавија за „Волстрит џурнал“ луѓе запознаени со нивната позиција. Во меѓувреме, Турција започна активни дипломатски напори за што побрзо прекинување на војната, обидувајќи се да ги убеди земјите од Блискиот Исток дека тоа е неопходно.

Лидерите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати го повикуваат Трамп да ја продолжи војната сè додека Иран не биде доволно ослабен за повеќе да не претставува закана за своите соседи, објавува ВСЏ. Според изворите на весникот, Ријад е незадоволен од планот на Трамп од 15 точки, кој САД му го претставија на Иран. Тој повикува на решавање на конфликтот и целосно укинување на санкциите во замена за ирански отстапки за сите главни прашања на кои не се согласуваат со САД.

Саудиска Арабија и ОАЕ стравуваат дека постигнувањето договор во оваа фаза би му овозможило на Иран да обезбеди долгорочна контрола врз извозот на енергија од Персискиот Залив и би ја загрозило безбедноста на другите земји. Иран ефикасно го блокираше Ормускиот теснец, преку кој дневно се извезуваа приближно 20 милиони барели нафта и нафтени производи на глобалните пазари, како и над 20 отсто од глобалниот извоз на течен природен гас (ЛНГ). Техеран сега сака да ја задржи контролата врз оваа артерија дури и по војната.

Иран почна да наплаќа патарини за бродовите што минуваат низ теснецот и испрати писмо до Меѓународната поморска организација. Во него се наведува дека бродовите од ненепријателски земји „можат – под услов да не учествуваат или да не даваат поддршка за акти на агресија против Иран и целосно да ги почитуваат декларираните прописи за безбедност и сигурност – да го остварат своето право на безбеден премин низ Ормускиот теснец во договор со надлежните ирански власти“.

САД и Иран поставија максималистички барања еден кон друг. Планот на Трамп, особено, вклучува:

– демонтирање на иранските нуклеарни постројки,

– целосно напуштање на збогатувањето на ураниум,

– граничувања на ракетните програми,

– гаранции за слободен и безбеден премин низ Ормускиот теснец,

– прекинување на поддршката на Иран за милитантите во регионот.

Како одговор, Иран ги пренесе следните барања до Соединетите Американски Држави, пишува ВСЏ, повикувајќи се на луѓе запознаени со документот:

– целосно укинување на санкциите,

– исплата на воени репарации,

– воведување такса за премин на бродови низ Ормускиот теснец (слично на таксите што Египет ги наплаќа во Суецкиот канал),

– затворање на американските воени бази во регионот,

– дозволување на Иран да ја продолжи својата ракетна програма без ограничувања,

– гаранции дека војната нема да продолжи,

– крај на израелските напади против либанската група Хезболах, поддржана од Техеран.

Трамп почна да ја изразува својата подготвеност да бара дипломатски крај на борбите, не само јавно, туку и приватно, според луѓе запознаени со ова прашање, според „Волстрит џорнал“. Турција, исто така, почна да вложува напори за брзо постигнување компромис, објавува Блумберг.

Според изворите на агенцијата, Анкара ги повика земјите од Заливот да покажат воздржаност и да не се приклучат на воената кампања на САД и Израел. Саудиска Арабија и ОАЕ ја разгледуваат оваа опција ако Иран почне да ги таргетира нивните енергетски и водоводни капацитети.

Министерот за надворешни работи Хакан Фидан ги посети Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар и оствари телефонски разговори со своите колеги од други земји во регионот. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторник вечерта изјави:

„Не сакаме оваа војна да се претвори во војна на исцрпување меѓу земјите од регионот“.