Самостојна изложба на Павле Кузманоски со 12 слики во гигантски формати
Академскиот сликар Павле Кузманоски денеска ќе одржи изложба на уметнички слики со големи формати, кои се со повеќе метри должина и височина. Изминативе денови беа поставени 12 такви уметнички дела-слики во уметничката сала на Музејот на тетовски крај (Дом АРМ), каде што свеченото отворањето е предвидено за во 19 часот и 30 минути.
Идејата за оваа изложба Кузманоски ја добил кога нашол скица од студентските денови, па се одлучил да ја наслика на платно со димензии од четири метри должина и два метри височина. Оваа слика тетовскиот 87 годишен уметник ја создавал изминатите шест месеци.
– Таа скица сум ја работел во 1961 година во Белград, кога бев прва година Академија. Таа скица седеше кај мене цели 60 и веќе години и минатата година реков, да направам нешто поголемо од таа скица. И ете се роди оваа слика, што даде повод и цела една изложба којашто ќе се организира во Музејот на град Тетово, вели академскиот сликар.

Тетовската јавност ќе може да види и други уметнички слики со слични формати, големини и теми.
– Сакав сите други формати што ги имам во мојата колекција да бидат приближни на сликата со наслов „Востание“, да има големи формати со тоа да ја направам изложбата така на еден начин соодветна на ова што сакав да го прикажам во оваа моја најнова слика. Во другите слики темите се сведоци, автопортрети и актови – изјави Кузманоски.
Академскиот сликар е роден 1939 во Тетово. Завршил школа за применета уметност – Скопје, а во 1966 година дипломирал на Академијата за применети уметности – Белград. До сега приредил 50-тина самостојни ликовни изложби, а учествувал на преку 250 колективни ликовни изложби во земјата и во странство. Добитник на значајни награди за сликарство, меѓу кои последната е државна награда „11 Октомври“ за животно остварување во областа на културата, науката, уметноста и дејностите од јавен интерес во 2021 година.