Сахарски песок стигнува до Европа, автопералниците ќе имаат работа


Сахарскиот песок допира до делови од Европа. Први на удар се медитеранските земји, најмногу нашиот сосед Грција, но и Македонија нема да биде одмината.

Покрај песок и прашина, промената на времето ќе донесе и умерен до засилен јужен ветер, повремен дожд, а ќе има и грмежи.

Најавата за сахарски песок важи за вторник, среда и четврток, а тој ќе биде присутен во делови од Македонија.

Сахарската прашина или сахарскиот песок е природен феномен кој патува илјадници километри секоја година, носејќи честички од северноафриканскиот песок низ светот. Сахарскиот песок е составен од различни минерали, додека железните оксиди му ја даваат црвенкастата нијанса.

Зрната на сахарскиот песок се многу мали, обично меѓу 0,1 mm и 0,5 mm во дијаметар. Овие зрна му овозможуваат на ветрот лесно да носи песок на долги растојанија.

Влијание врз здравјето
Како што се зголемуваат честичките во воздухот, квалитетот на воздухот се намалува. Честичките можат да навлезат во белите дробови и да предизвикаат проблеми во горниот респираторен систем и да ги влошат проблемите со астмата. Симптомите што ги предизвикува сахарскиот песок кај чувствителните луѓе се слични на оние предизвикани од алергии.

За штетното влијание на песокот од Сахара пишуваше и Карипската агенција за јавно здравје (CARPHA).

Честичките прашина може да предизвикаат иритација на кожата и очите. Во ранливите групи спаѓаат бебињата и децата, постарите лица, лицата со хронични заболувања и пациентите со срцето и белите дробови.

За да го заштитите вашето здравје, Центрите за контрола и превенција на болести на САД препорачуваат редовно да го проверувате локалниот индекс за квалитет на воздухот, да останете во затворени простории и доколку морате да излегувате, да не претерувате со вежбањето и рекреацијата.

Сепак, има и позитивна страна на сахарскиот песок, бидејќи има позитивно влијание врз екосистемот. Минералите во пустинската прашина, често богати со железо и фосфор, можат да делуваат како ѓубрива и да им помогнат на шумите и другата вегетација и почвата да добијат хранливи материи.

 

Фотографијата покажува дистрибуција на прашина низ југоисточна Европа на надморска височина од 5.000 метри од моделот EMEP. Сликите се од 26-ти до 28-ми март, кога покриеноста кон нашето подрачје е најизразена.

Доаѓањето на сахарска прашина може да го следите и ТУКА.