Саграда Фамилија во Барселона стана највисока црква во светот


 

Црквата Саграда Фамилија стана највисоката црква во светот откако дел од нејзината централна кула беше подигнат со кран и поставен на врвот на структурата, соопштија црковните претставници.

Делото на архитектот Антони Гауди во Барселона сега е високо 162,91 метри, надминувајќи ја кулата од 161,53 метри на готскиот Улм Минстер во Германија, пишува „Гардијан“.

Иако црквата формално не го бара тоа титулирање, според мерењата, таа сега е 1,38 метри повисока од германската црква во Баден-Виртемберг.

Работата на Саграда Фамилија сè уште е во тек – централната кула на Исус Христос ќе достигне висина од 172 метри кога ќе биде завршена во наредните месеци.

Првиот дел од врвот беше поставен вчера со кран. Камен-темелникот на базиликата беше поставен во 1882 година, а Гауди, кој почина во 1926 година, не очекуваше црквата да биде завршена за време на неговиот живот.

Во времето на неговата смрт, беше завршена само една кула. Во изминатите децении, изградбата се забрза, бидејќи Саграда Фамилија стана едно од најпосетуваните туристички места во светот.

Препознатливиот стил на Гауди, кој ги комбинира католичката симболика и формите инспирирани од природата, привлекува милиони посетители, истакнуваат медиумите.

Минатата година, 4,9 милиони луѓе платиле билет за влез, а собраните пари се користат за финансирање на понатамошни работи.

Изградбата на фасадите и декорацијата на ентериерот ќе продолжат уште неколку години, а црковните службеници проценуваат дека базиликата ќе биде целосно завршена за околу десет години.

Следната година се одбележува 100-годишнината од смртта на Гауди, по што црквата ќе организира серија настани посветени на неговото наследство.