САД во Европа префрлиле нуклеарни бомбардери B-52H


 Два американски бомбардери B-52H Stratofortress способни да носат атомски боеви глави, пристигнале во базата Ферфорд во Велика Британија, објави UK Aviation News.

Авионите се дел од 69-тата бомбардерска ескадрила стационирана во воздухопловната база Мајнот во Северна Дакота. Деновиве се очекува во Велика Британија да слетаат уште два такви авиона, пишува изданието. Не се откриваат детали за распоредувањето.

Бомбардерите B-52 претходно одлетаа од Ферфорд за учество во вежбите на НАТО во балтичкиот регион, што се одржаа како одговор на можната руска агресија. Од ноември до средината на декември минатата година авионите извршија девет летови со тренинг-бомбардирање над Финска, Шведска и Литванија. За време на овие операции тие беа придружувани од борбени авиони на земјите-членки на НАТО.

Боинг B-52H Stratofortress е тежок стратешки бомбардер со долг дострел. Американските воздухопловни сили го пуштија во употреба во 1955 година и оттогаш огромното летало постојано се модернизира. Може да носи товар со тежина од 31.500 килограми. Покрај американските бомбардери, во базата Ферфорд е стациониран и извидувачкиот авион U-2, кој речиси секојдневно извршува мисии, пишува изданието.

По руската инвазија на Украина САД го засилија присуството на своите стратешки сили во Европа. А како одговор на нуклеарните закани од рускиот претседател Владимир Путин, кој испраќаше закани до соседните земји и Западот. Американските бомбардерски оперативни групи само лани биле испратени во Велика Британија, Шведска, Шпанија и Романија. Декларираната цел беше „зајакнување на односите со сојузниците и партнерите во НАТО“.

Кон средината на јануари САД објавија дека завршуваат со распоредување во Европа на модернизираните нуклеарни авиобомби B61-12.

Џил Хруби, раководителка на Националната управа за нуклеарна безбедност (ННСА), нагласи дека НАТО демонстрира сила во услови на „фундаментално нов“ нуклеарен пејзаж, што се појави по почетокот на војната во Украина. Таа исто така истакна дека во изминатите неколку години Русија „повторено ги прекршуваше правилата на однесување“, поткопувајќи ја стратешката стабилност. На пример, презеде контролата врз Запорожската нуклеарна централа, распореди тактички нуклеарни боеви глави во Белорусија и ја повлече ратификацијата на Договорот за општа забрана за нуклеарните тестирања.