САД одобрија потенцијална продажба на ракети на Финска во вредност од над една милијарда долари


Вашингтон – Стејт департментот на САД соопшти дека ја одобрил можната продажба на ракети воздух-воздух во вредност од над една милијарда долари на Финска, пренесе ДПА.

Во соопштението, Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка на САД (DSCA) наведе дека „предложената продажба ќе ги поддржи целите на надворешната политика и националната безбедност на САД со подобрување на безбедноста на еден сојузник во НАТО“.

Агенцијата исто така истакна дека на тој начин „ќе се подобри способноста на Финска да се справи со сегашните и идните закани и ќе се зајакне интероперабилноста со силите на САД и другите сојузници“. Во соопштението се нагласува дека продажбата „нема да го промени основниот воен баланс во регионот“.

Предложената продажба се однесува на напредни ракети воздух-воздух со среден дострел AIM-120D-3 и соодветна опрема, со проценета вредност од околу 1,07 милијарди долари.

Како што е вообичаено за странски продажби на оружје, Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка на САД соопшти дека Конгресот бил информиран.