Руте: Членките на НАТО мора да издвојуваат повеќе од два отсто од БДП за одбраната
Одвојувањето за трошоци за одбраната од два отсто од националните БДП не е доволно и земјите членки на НАТО ќе мора да издвојуваат повеќе средства за зајакнување на своите одбранбени капацитети, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте на прес-конференција пред почетокот на дводневниот состанок на шефовите на дипломатиите на Пактот, на кој учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Мора да направиме повеќе. Не можеме да останеме на два проценти, бидејќи на долг рок тоа би значело дека нашата решителност не е доволно јака, рече Руте.
За да ја зајакне својата безбедност, според него, на НАТО му е потребна посилна одбранбена индустрија и зголемување на нејзиното производство, нешто што Русија, Кина и Северна Кореја веќе го прават.
Работниот дел од состанокот започнува попладнево со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии, на кое првпат ќе учествува и јорданскиот Абдула Втори, со кого
Министрите од НАТО ќе разговараат за тековниот конфликт на Блискиот Исток и неговото влијание врз евроатлантската безбедност.
– Јордан е еден од најважните партнери на НАТО на Блискиот Исток. Наскоро ќе ја отвориме канцеларијата за врски на НАТО во Аман и ова е важен чекор со кој нашите односи во регионот ќе ги направиме уште посилни, рече Руте.
На крајот на првиот ден од заседанието ќе се одржи сесија на Советот НАТО-Украина во форма на работна вечера, на која ќе учествуваат и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха. На заседанието ќе се разговара за конфликтот во Украина и за начините за зајакнување на земјата во справувањето со руската агресија.
Руте најави дека на заседанието ќе присуствува и новата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, затоа што, како што нагласи, НАТО и Европската Унија мора тесно да соработуваат во поддршката за Украина.
– Украина влегува во уште една клучна зима, а руската агресија не покажува знаци на намалување. Токму спротивното, Путин ги засилува својата реторика и непромислените постапки. Тој ја користи Украина како полигон за тестирање на експериментални ракети и распоредува севернокорејски војници во оваа илегална војна, додаде Руте.
Според него, рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за мир и го зајакнува притисокот обидувајќи се да заземе повеќе територија „затоа што мисли дека може да ја скрши решителноста на Украина и нашата, но греши“.
Руте нагласи дека сојузниците остануваат посветени на ветувањето дадено на Самиот на НАТО во Вашингтон во јули годинава за финансиска помош од 40 милијарди евра за оваа година за поддршка на Украина и ги поздравувам неодамнешните најави за поголема воена помош за земјата од повеќе членки на Алијансата, меѓу кои и САД, Германија, Шведска, Естонија, Литванија, и Норвешка.
– Ова е одлична вест. Ја формираме новата Команда на НАТО во Визбаден за да ја координира безбедносната помош и обука за Украина. Ова ја прави нашата поддршка поцврста, а исто така и одржлива. Но, сите ќе треба да направиме повеќе, посебно сега. Колку е поголема нашата воена поддршка за Украина сега, толку посилна ќе биде нејзината позиција на преговарачката маса и толку побрзо можеме да ставиме крај на руската агресија еднаш засекогаш, додаде Руте.
Според него, на Украина не и требаат идеи и дискусии како да преговара за постигнување мир, туку и е потребна воена поддршка за зајакнување на нејзината позиција на теренот, а со тоа и во идните мировни преговори.
Во врска со барањата на Киев за доставување на покана за членство во НАТО по забрзана постапка, Руте истакна дека меѓу сојузниците постои согласност дека местото на Украина е во Алијансата, но дека во моментов приоритет е зајакнување на воената поддршка за земјата и за тоа ќе се разговара на претстојниот министерски состанок.
Министерскиот состанок на НАТО продолжува утре претпладне со заседание на Северноатлантскиот совет на кое, меѓу другото, ќе се разговара за зајакнување одбранбената индустрија, за зголемување на безбедноста на критичната инфраструктура, за подготовките на Самитот на Алијансата што ќе се одржи следната година во Хаг, но и за „непријателските активности на Русија во земјите на НАТО“.
– Во текот на изминатите години, Русија и Кина се обидоа да ги дестабилизираат нашите нации со акти на саботажа, кибер напади и енергетска уцена. Да не заплашат. Но, ниту една од овие акции нема да не одврати од поддршката на Украина или од зајакнување на нашата сопствена одбрана. Сојузниците на НАТО ќе продолжат да стојат заедно за да се соочат со овие закани преку низа мерки, вклучително и поголема размена на разузнавачки информации и подобра заштита на нашата критична инфраструктура, додаде Руте.