Русковска поднесе обвинение против Рашковски и уште шест други лица
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска, денеска до Кривичниот суд во Скопје поднело обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, и против уште шест лица за проблематичните набавки на софтвери.
Ваквиот развој на настаните обвинителката Русковска го најави на 21 септември годинава, кога објави дека се завршени вештачењата и дека истрагата, во која беа споени два предмета, влегува во завршна фаза со испрашување на осомничените. Рашковски го дочекува обвинителниот акт во домашен притвор, иако Обвинителството повеќепати бараше тој да се врати во затворски притвор.
Обвинителството смета дека Рашковски во периодот од јуни 2017 година до февруари 2021 година, со умисла помогнат од двајца надворешни соработници, ги извршил кривичните дела. „Тој не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици“, наведуваат од Обвинителството
Рашковски јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства. Тој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично. Исто така, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што на четирите економски оператори им овозможил да склучат договори и да се стекнат со корист од 17.474.137 денари.