Русија призна дека употребила „непобедливо оружје“: Како функционираат суперсоничните ракети?


Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека руската армија со хиперсонично оружје уништила голем украински подземен склад за ракети и муниција за авиони во регионот Ивано-Франковск, објавија западните медиуми.

Министерството, исто така, соопшти дека се уништени украинско воено радио и извидувачки центри во близина на Одеса со помош на крајбрежен ракетен систем.

– Авијацискиот ракетен комплекс „Кинџал“ со хиперсонични аеробалистички ракети уништи големо подземно складиште на проектили и авијациска муниција на украинските сили во селото Дељатин, изјави денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.

Западните медиуми додаваат дека не можат независно да го потврдат соопштението на Министерството за одбрана на Русија. 

Инаку, Русија досега не призна дека користела суперсонични ракети во борба.

Станува збор за балистички ракети кои можат да летаат во горниот дел од атмосферата пет пати побрзо од брзината на звукот.

Според руската војска, ракетниот систем што се користи во нападот е способен да цели на растојание од повеќе од 2.000 километри и може да ги совлада сите постоечки системи за воздушна и ракетна одбрана, велат од руската војска.