Русите присилно мобилизираат бездомници
Руските власти мобилизираат луѓе од најранливите групи за војната во Украина, објави независниот портал „Медиазона“, а пренесе Москва тајмс.
Надлежните во Москва ги земаат луѓето од центрите за бездомници и од хостелите во кои живеат работници мигранти, се наведува во извештајот на „Медиазона“.
Десетици бездомници собрани се од улица и одведени во воените канцеларии за мобилизација во изминатите неколку недели, односно, откако рускиот претседател Владимир Путин прогласи делумна мобилизација, тврди хуманитарната организација која дели храна на бездомниците по главниот град на Русија.
„Ги одведоа луѓето кои чекаа ред за храна“
„Полицијата дојде овде и никого ништо не го праша. Видоа како луѓето чекаат ред за храна. Ги зграбија и ги одведоа против нивна волја. Потоа ги качија во автобуси и ги одведоа во регрутационите канцеларии“, вели извор за „Медиазона“ кој од разбирливи причини сака да остане анонимен.