Русите ќе мора да си одат од Сирија, новите власти го раскинаа договорот
Москва имаше бродови и војници во пристаништетот Тартус и воената база во Хмеимим
Новото раководство на Сирија стави крај на договорот со кој Русија ѝ даде долгорочно воено присуство во медитеранското пристаниште Тартус.
Пристаништето Тартус е единствената руска поморска база надвор од поранешниот Советски Сојуз и одигра клучна улога во военото присуство на Москва во Медитеранот, но според сирискиот опозициски весник „Шаам“, повикувајќи се на Министерството за информации, договорот е поништен, а Русите мора да си одат.
Договорот посредуван со руската компанија „Стројтрансгас“ со соборениот лидер Башар ал Асад во 2017 година го продолжи закупот на пристаништето на 49 години бесплатно. Сепак, смената на претходната влада ја доведе во прашање иднината на договорот.
Според неколку медиумски извештаи, приходите од пристаништето „сега ќе бидат од корист за сириската држава“, наместо Русија да добива 65 отсто од профитот на Тартус. Може да се започне и истрага за тоа како договорот економски влијаел на земјата.
Потегот на новата влада на Сирија доаѓа откако некои земји-членки на ЕУ направија напори да го натераат новото раководство во Дамаск да ги затвори руските воени бази во земјата.
Највисокиот дипломат на ЕУ, Каја Калас, во декември им рече на новинарите дека тоа треба да биде услов за ангажман со новото раководство да се ослободат и од руското влијание во земјата.
Русија, откако ја нападна Украина, повлече дел од своите сили од тие бази, но не се повлече целосно од Сирија и до сега ја одржуваше својата воздухопловна база Хмеимим околу Латакија и поморскиот објект во Тартус.
Тартус е единствениот медитерански центар за поправка и надополнување на Русија, а Москва го користеше како интегрален пункт за да ги превезува своите поранешни воени изведувачи на групацијата „Вагнер“ во и надвор од Африка.
Со ограничувањето на Турција во воениот пристап до Босфорскиот теснец, Тартус беше клучен за зајакнување на регионалното присуство на Русија и ѝ дозволи на Москва да ги следи активностите на НАТО во Средоземното Море.
Според британското Министерство за одбрана, присуството и операциите на Русија во источниот Медитеран се сериозно затегнати по соборувањето на Асад.
Бродовите на руската морнарица, наводно, останале на море со недели како резултат на неизвесноста околу нивното идно присуство.
Украинската воена разузнавачка агенција (ХУР) претходно овој месец тврдеше дека новите владетели на Сирија не дозволуваат руски бродови да влезат во Тартус за да ги евакуираат војниците и опремата. (Еурактив)