Русија уште во 2019 година понудила трампа на Венецуела за Украина
Руските претставници во 2019 година посочија дека Кремљ би бил подготвен да се откаже од својата поддршка за Николас Мадуро во Венецуела во замена за одврзани раце во Украина, според Фиона Хил, советничка на претседателот Доналд Трамп во тоа време. Русите постојано ја споменуваа идејата за „многу чуден договор за размена меѓу Венецуела и Украина“, рече Хил за време на конгресното сослушување во 2019. Нејзините коментари повторно се појавија оваа недела и беа споделени на социјалните медиуми по тајната операција на САД за апсење на Мадуро.
Хил рече дека Русија ја промовирала идејата преку написи во руските медиуми кои се повикувале на Монроовата доктрина – принцип од 19 век во кој САД се спротивставувале на мешањето на Европа во западната хемисфера и за возврат се согласувале да се држат подалеку од европските работи. Трамп се повика на Монроовата доктрина за да ја оправда интервенцијата на САД во Венецуела.
Иако руските претставници никогаш не дадоа формална понуда, тогашниот амбасадор на Москва во САД, Анатолиј Антонов, многу пати ѝ навестил на Хил дека Русија е подготвена да им дозволи на САД да дејствуваат како што сакаат во Венецуела ако САД го сторат истото за Русија во Европа, изјави Хил за АП оваа недела.
Но, седум години подоцна, ситуацијата е поинаква. По соборувањето на Мадуро, САД изјавија дека сега ќе ја „водат“ политиката на Венецуела. Трамп, исто така, ја обнови својата закана да го преземе Гренланд – самоуправна територија на Данска и дел од воениот сојуз на НАТО – и се закани дека ќе преземе воена акција против Колумбија оти земјата ја олеснува глобалната продажба на кокаин.
Кремљ ќе биде „воодушевен“ од идејата дека големите земји – како што се Русија, САД и Кина – добиваат сфери на влијание затоа што тоа докажува дека „моќта е исправна“, рече Хил.
Акциите на Трамп во Венецуела им отежнуваат на сојузниците на Киев да ги осудат руските планови за Украина како „нелегитимни“ бидејќи „токму имавме ситуација каде што САД ја презедоа контролата – или барем ја обезглавија владата на друга земја – користејќи фикција“, изјави Хил за АП.