Кремљ размислува за привремено запирање на својата кампања за напади со долг дострел во Украина како потенцијална отстапка кон американскиот претседател Доналд Трамп, објави Блумберг, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со дискусиите.
Остануваат уште три дена до крајниот рок на Трамп на 29 јули за Русија да ја заврши војната во Украина.
Според Блумберг, руските претставници ги разгледуваат можните опции пред доаѓањето на американскиот претставник Стив Виткоф во Москва оваа недела.
Една од нив вклучува ограничено „воздушно примирје“, пауза во нападите со беспилотни летала и ракети, но само ако Украина се согласи да учествува.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја потврди важноста на средбите со Виткоф, но одби да коментира за конкретни предлози.
На 3 август, Трамп потврди дека Виткоф би можел да отпатува во Русија на 6 или 7 август.
„Мислам дека можеби ќе оди во Русија следната недела, среда или четврток“, им рече Трамп на новинарите. „Тие сакаат да го видат. Тие побараа таа средба, па ќе видиме што ќе се случи.“
Виткоф веќе се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во април. Неговите контакти со Кремљ, вклучително и користењето на руски преведувачи и повторувањето на руските наративи за војната, предизвикаа критики од американските и странските претставници.
„Блумберг“ пишува дека Путин сè уште не е подготвен да се согласи на целосно примирје, но Кремљ бара начин да го намали зголемениот притисок на Трамп.
„На Трамп му е потребен некаков „подарок“, некаква отстапка од Русија“, изјави за „Блумберг“ Сергеј Марков, политички аналитичар близок до Кремљ. „Воздушно примирје би можело да биде таков подарок.“
На 1 август, белорускиот претседател Александар Лукашенко, исто така, разговараше за идејата за „воздушно примирје“ со Путин. Рускиот претседател јавно не го објави ова. Лукашенко зборуваше за истата идеја во јуни, за време на необична средба со претставникот на Трамп во Украина, Кит Келог, во Белорусија.
Келог треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев оваа недела. Зеленски денес објави дека имал „продуктивни“ телефонски разговори со Трамп, во кои разговарале, меѓу другото, за санкциите и неодамнешните руски воздушни напади врз украинските градови.