Русија повторно истрелала хиперсонични проектили во Украина


 Русија соопшти денеска дека повторно ги истрелала своите најнови хиперсонични ракети во Украина, уништувајќи складиште за гориво на југот на земјата.

„Авијациските ракетни системи Кинжал со хиперсонични балистички ракети уништија големо складиште за горива и мазива на украинските вооружени сили во близина на населбата Костјантинивка во регионот на Николаев“, соопшти руското Министерство за одбрана. 

Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков изјави дека   цел на нападите во саботата навечер и денеска наутро е воената инфраструктура на Украина. Русија лансираше крстосувачки ракети „Калибар“ од Каспиското Море и суперсонични ракети „Кинжал“ од воздушниот простор на Крим за да го уништи складиштето за гориво што го користи украинската армија, додаде Конашенков.Тоа е складиште за гориво во регионот на Николаев. Според Министерството, уништената цел била „главниот извор на гориво за украинските оклопни возила“ распоредени на југот на земјата.

Русија го погоди и украинскиот воен центар, во кој се сместени странски доброволци во регионот Житомир, 150 километри западно од Киев. Во нападот загинаа повеќе од 100 (украински) специјални сили и странски платеници, соопшти руското МО.

Засега нема потврда од украинска страна ниту од независни извори.