Русија има проблеми со извозот на житото по украинските напади во Црното Море
Руските извозници на жито се соочуваат со зголемени потешкотии во извозот на производи на глобалните пазари во услови на ескалација на ситуацијата во Црното Море откако руската војска ги нападна украинските пристаништа на Дунав, а вооружените сили на Украина одговорија со напад на Новоросијск.
Недостигот на бродови во Русија и намалениот апетит на западните трговци со жито да прават бизнис со Москва ги зголемуваат трошоците за транспорт на руската пченица бидејќи војната во Украина опасно се шири блиску до виталните патишта за снабдување на Црното Море, објави Ројтерс.
Претседателот Владимир Путин вети дека ќе го замени украинското жито за Африка со руско жито по завршувањето на договорот во јули со кој на украинските бродови за жито им се овозможи безбедно поминување низ Црното Море. Како што војната ескалираше, Путин воведе де факто блокада на Украина и ги нападна нејзините складишта.
Украина возврати со напад на руски танкер за нафта и воен брод со поморски дронови во поморската база Новоросијск, која е во непосредна близина на големото пристаниште за жито и нафта.
Едуард Зернин, шеф на рускиот Сојуз на извозници на жито, изјави за Ројтерс дека „скриените санкции“ може да ја влошат ситуацијата и „да доведат до зголемување на транспортните и трошоците за осигурување“ за Русија.
Ова „ќе влијае на нивото на цените на пченицата и другите житни култури на светскиот пазар“, рече Зернин.
Иако извозот на земјоделски производи не е предмет на директни европски и американски санкции наметнати по руската инвазија на Украина минатата година, Москва вели дека ограничувањата наметнати на банките и руските поединци се „прикриени санкции“ за трговијата со храна.
Трговците со жито, транспортерите и осигурителите се повнимателни да соработуваат со руските договорни страни и нагло ги зголемија цените на превозот за нив, како и таксите за осигурување, објави Ројтерс, цитирајќи извори од компаниите за испорака и трговија.
Носачите на жито кои патуваат кон Новоросијск и Таман, кои сочинуваат 70 отсто од рускиот извоз на жито, чинат десетици илјади долари повеќе дневно за осигурување од слични бродови кои пловат за Романија или Бугарија, велат агенциите.
И пред Кремљ да се повлече од договорот за жито, таквото осигурување бараше „ризична премија“ од околу 10.000 долари дневно. Но, откако дојдоа украинските напади, влогот се зголеми уште повеќе, изјавија извори за Ројтерс.
Според нив, ескалацијата во Црното Море ќе го погоди обемот на рускиот извоз, бидејќи бродските компании веќе се загрижени за испраќање на нивните бродови до руските пристаништа, особено поновите со поголем капацитет.
Минатата година Русија извезе рекордни 60 милиони тони жито со помош на големите западни трговци „Каргил“, „Луис Драјфус“ и „Витера“. Но, сите тие најавија повлекување од рускиот пазар од 1 јули 2023 година.
Меѓународните компании сега тешко соработуваат со Русија и „превозот главно го вршат руски трговци кои користат бродови кои меѓународните компании нема ни да ги допрат“, изјави извор за Ројтерс.
Станува збор за стари, отпадни носачи на рефус, често стари повеќе од 30 години, кои сочинуваат „флота во сенка“ за рускиот извоз на жито, слично на флотата што Москва ја собра за да тргува со нафта со заобиколување на санкциите.
Во последниве месеци, Русија мораше да бара повеќе бродови и сè повеќе да се потпира на „флота во сенка“ од носачи на жито управувана од турски и кинески компании, изјавија извори за Ројтерс.
Според прогнозата на Меѓународниот совет за житарки, извозот на пченица од Русија во земјоделската година што започна во јули ќе изнесува 44,7 милиони тони – приближно исто како и претходната година, а на житото воопшто – 54,6 милиони тони.