Русија го укина мораториумот за распоредување ракети со среден и краток дострел


Русија повеќе не смета дека е обврзана со ограничувања во врска со распоредувањето ракети со среден и краток дострел, соопшти денес руското Министерство за надворешни работи.

Во согласност со Договорот за елиминација на ракети со среден (1.001-5.500 километри) и краток (500-1.000 километри) дострел распоредени на копно, страните се обврзаа да не произведуваат, тестираат или распоредуваат балистички и крстосувачки ракети со среден (1.001-5.500 километри) и краток (500-1.000 километри) дострел, како и системи за лансирање за нив.

„Бидејќи нашите повеќекратни предупредувања за ова прашање беа игнорирани и ситуацијата се развива во насока на вистинско распоредување на американски ракети со среден дострел во Европа и Азиско-пацифичкиот регион, руското Министерство за надворешни работи констатира немање услови за одржување на едностран мораториум за распоредување на слично оружје и е овластено да изјави дека Руската Федерација повеќе не се смета за обврзана со соодветните претходно усвоени самоограничувања“, се вели во соопштението.