Румен Радев побара итна оставка на бугарската влада и избори


 

„Бугарите го кренаа гласот против беззаконието и киднапираната држава, против управувањето со пари, компромитирачкиот материјал и стравот! На Бугарија ѝ се потребни вистински промени. Оставката е итна. Владата е посрамена“, рече бугарскиот претседател Румен Радев во вонредното обраќање до нацијата во вторник по протестите на илјадници луѓе против нацрт-буџетот и владејачката партија претходниот ден.

„Ќе ни треба единство, волја и мудрост за да го зачуваме граѓанскиот мир од провокации. На Бугарија ѝ се потребни вистински промени што ќе доведат до владеење на правото и обновување на државноста – нешто што сегашната владејачка коалиција не може да го направи. Владата е посрамена. Оставката е итна. Предвремените избори се единствениот пат напред. Верувам дека ќе успееме. Да живее Бугарија!

„Илјадници скандираа ‘Оставка’. Не беа запрени од ширачите на страв, прекините на електричната енергија или скршените ескалатори во метрото. Постојат чувства надвор од расколот што секој пристоен човек го крие во своето срце. Очекувањето на правда, личното достоинство на слободните граѓани, грижата да се обезбеди иднина за своите деца“, рече Радев.

Во понеделник вечерта, шефот на државата повика на оставка од владстите и одржување предвремени избори. Тој ги осуди провокациите за време на протестите против нацрт-буџетот за следната година, велејќи дека тие биле организирани од мафијата.

„Ова не е судир меѓу полицијата и демонстрантите, туку провокација од страна на мафијата, која има за цел да се соочи со нив. Постои само еден излез: оставка и предвремени избори“, рече претседателот Румен Радев.

„Насилството мора да престане. Ги повикувам сите да се придржуваат до законот. Провокациите не го менуваат фактот: Бугарите рекоа НЕ на оваа влада“, истакна шефот на државата.

Во понеделникот вечерта Бугарија беше сведок на масовни протести кои беа најголеми во неколку децении. Се протестираше во сите поголеми градови, а бројот на демонстрантите во Софија беше 80.000. Како резултат на тоа, денеска изутрина владата на вонреднаседница побара од собранието да биде повлечен предлог-буџетот за 2026.