Романија отвори истрага по смртта на шест деца од бактериска инфекција во болница во Јаш


 Романската Дирекција за јавно здравје во североисточниот округ Јаш отвори епидемиолошка истрага во Детската болница „Св. Марија“ поради можно жариште на бактериски инфекции, откако во изминатите денови починаа шест деца во одделението за интензивна нега, јави телевизијата „Диџи 24“.

Претставник на болницата појасни дека се работи за болничка инфекција предизвикана од бактеријата Serratia marcescens, која кај пациенти со ослабен имунитет може да предизвика респираторни и уринарни инфекции, како и сепса со „исклучително агресивен и брз тек“.

Првиот случај бил регистриран на 7 септември, а уште шест случаи на 16 септември.
 „Кога имавме три случаи, прогласивме жариште и ги преземавме потребните мерки – ограничување на приеми во одделението за интензивна нега и дополнителни инструкции до персоналот за хигиената на рацете и методите на чистење. На 16 септември се појавија нови случаи и ја засиливме контролата, соопштувајќи дека повеќе нема да примаме пациенти од други окрузи“, изјави претставникот.

Одделението за интензивна нега сега е затворено, откако и други пациенти биле дијагностицирани со истата бактерија, јави „Хотњуз“.

Починатите деца биле на возраст од новороденчиња до осум години и имале тешки придружни заболувања, меѓу кои менингитис, конвулзивен синдром, епилепсија и други.

Весникот наведува дека одделението продолжило да работи и по појавата на првите случаи и било затворено дури на 24 септември. Според официјалните податоци, вкупно девет деца се заразени со Serratia marcescens.