Рокот за давање на мандатот за влада истекува, Сиљановска не знае кога ќе се случи тоа
За доделувањето на мандатот остануваат уште три дена, новото мнозинство ги нема потребните 80 гласа за да направи реорганизација на владата
Останаа уште три дена до завршувањето на законскиот рок претседателката Гордана Сиљановска- Давкова да го даде мандатот за формирање влада, а таа сѐ уште најавува дека ќе ги проучува термините, додека од ВМРО-ДПМНЕ молчат.
Иако од сите страни се тврди дека новата влада е готова работа, сепак нема најава кога ќе се случи тоа, а застојот се оправдува со намерата да се договорат системски смени, односно рекомпонирање на министерствата – нешто за што на најавената владејачка позиција ѝ треба поддршка од СДСМ, од ДУИ или од Левица.
Откако наводниот прелет на пратеници од овие партии во владиното јато не се случи, останува ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ да се пазарат со опозицијата за евентуални отстапки за да го протнат во Собранието зголемениот број на министерства и, како што тврди министерот за правда Кренар Лога – можеби и законски измени со кои ќе се распуштат Судскиот совет и Советот за обвинители.
Она што се случува околу изборот на претседател на Уставниот суд сугерира дека „упадот“ што го најавува Лога можеби е почнат и само им треба законско покритие за „реформите“, што исто така не можат да го направат без да обезбедат над 8о гласови во парламентот.
Дека датумот за давање на мандатот не го знае ни претседателката на државата, денес потврди таа самата во изјава за новинарите. По настан организиран за да се одбележи Денот на Европа Сиљановска сепак рече дека „не ја исклучува можноста пред завршувањето на последниот рок да го додели мандатот за состав на новата влада“.
„Можно е и порано да се додели мандатот. Сѐ зависи од ситуацијата. Уставот вели 10 дена и потоа 20 дена за да се состави владата. Јас ќе ги проучам термините“, рече Сиљановска во одговор на новинарско прашање.
Претходно таа рече дека е „среќа што преговорите за владата течат одат мирно“, што, според неа, е „гаранција дека нашите политичари научиле нешто од основачите на ЕУ“.
Нешто подоцна МИА извести дека најверојатно во четврток претседателката ќе му го додели мандатот за формирање нова влада на Мицкоски. Доколку се случи тоа, владата треба да биде формирана до 25 јуни.
Единствено што се постигна досега во консолидирањето на новата власт е формирањето денес на две комисии во Собранието – Законодавно-правната и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Функционери на ВМРО-ДПМНЕ и на „Вреди“ деновиве порачуваа дека очекуваат да обезбедат двотретинско мнозинство за реконструкцијата на Владата, но на каков начин ќе се постигне тоа (со политички отстапки или со купување на гласови) не е јасно. Екс-министерот Оливер Спасовскивчера порача дека СДСМ нема да даде поддршка „на невидено“, а од кругови од партијата изминатите денови се сугерираше дека се подготвени за договор и ќе дадат поддршка ако добијат одредени отстапки. Кои, и тие не кажуваат јасно.
Официјално сепак од оваа партија не кажуваат јасен став дали ќе гласаат за зголемување на владата или не и дали во тој пакет ќе има и други измени освен зголемувањето на бројот на министерствата. Дури и да сметаат ВМРО-ДПМНЕ на гласот на ЛДП за обезбедување двотретинско мнозинство, тоа е неостварливо бидејќи пратеничката Моника Зајкова е на подолг пат во САД , односно физички е спречена да гласа.
Претходно, по одржувањето на изборите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека „имаме консолидирано 61 пратеници“, но сега се испоставува дека тоа не е така. (Н.В.)