Родители на момче исчезнато во пожарот во Кран-Монтана: „Се надеваме дека е жив. Беше пресреќен што оди таму“
Кристоф и Летиција Бродар уште немаат вести за нивниот 16-годишен син Артур, кој е исчезнат откако избувна пожарот во барот „Констелашн“ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана. Тој ја славел Новата година со група од околу десетина пријатели во барот кога се претворило во ужасна трагедија со најмалку 40 мртви.
Родителите на 16-годишник кој исчезнал по смртоносен пожар во бар во швајцарскиот скијачки центар каде што ја славел Новата година, ја споделија својата болна исповед и рекоа дека сè уште се надеваат – дека нивниот син е жив.
Според родителите, Артур имал резервирана маса во барот со своите пријатели. Сите тие посетуваат училиште „Колеж Шампите Пули“ во Лозана и често се собираат во овој познат скијачки центар, каде што многу од нивните семејства имаат викендички. Новата година традиционално се слави таму со скијање и дружење.
„Без зборови сме. Но, мислиме дека можеби е жив и затоа сè уште се надеваме дека ќе го најдеме“, изјави за CNN таткото на Артур, Кристоф Бродар, зборувајќи од Кран-Монтана, каде што тој и неговата сопруга сè уште го бараат својот син.
Според него, младите луѓе нарачале шише шампањ со распрскувач во еден бар, а само минута или две подоцна – избувнал хаос.
„Една или две минути подоцна, сè се претвори во апокалипса“, рече Бродар.
Тој додаде дека е вообичаено тинејџерите да ја поминат новогодишната ноќ во Кран-Монтана и нагласи дека тоа е место кое се смета за исклучително безбедно.
„Тоа е навистина, навистина безбедно место. Сите се познаваат“, рече тој.
Артур планирал таа вечер да ја помине ноќта во куќата на еден пријател во близина на барот. Неговиот татко вели дека првично не бил свесен за размерите на трагедијата.