Режимот победува, демократијата побледува – српски искуства


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Што политички ги привлекува и што ги одбива средните класи?  Политичкиот говор на доминантните партии во Србија, на СНС и на СПС, се покажа некомпатибилен со аспирациите на овие класи. Популизмот кон кој прибегнаа двете партии не е формула на граѓанската класа

 

Резултатите, оние изброивливите, од парламентарните избори во Србија минатата недела се познати. Политичките последици допрва ќе се осознаваат – мислам искуствено. Теориски тие се познати. Наместо политичко празнење, изборите предизвикаа уште поголемо политичко дразнење и поларизирање. На една страна, режимот на претседателот Александар Вучиќ и неговите клиенти – економски, политички, културни, образовни, естрадни…, а на друга страна мнозинство од граѓанството со политичка опозиција со немуштиот и блед политички говор за режимот и бојкотот.

Социолошки погледнато, политичките резултати на спроведените избори се двојни – манифестни и латентни. Манифестните се очигледни. Српскиот парламент ќе функционира со седум политички партии со многу нерамномерна моќ меѓу нив и без реална опозиција. Доминира Српската напредна партија (СНС) на претседателот на Србија и на партијата Александар Вучиќ. СНС освои 189 (или 75 проценти) од вкупно 250 пратенички места во скупштината на Србија. Втора по моќ партија застапена во парламентот, Социјалистичката партија на Србија (СПС) е со шест пати помала политичка моќ бидејќи освои 32 места (или 12,5 отсто) од вкупниот број места. Другите пет партии (Српскиот патриотски сојуз со 12, Сојузот на војводинските Унгарци со 9, Листата на Муарем Зукорлиќ со 3, Партијата за демократска акција на Санџак со 2 и Албанската демократска алтернатива – Обединета долина со 3 пратеници) имаат заедно помалку од второпласираната. Таквиот состав му овозможува на српскиот претседател апсолутна контрола врз законодавната и извршната власт во Србија. Тоа значи ефективна влада и можност за реализација на ветените проекти.

Од друга страна, ваквите изборни резултати имаат и латентни, скриени, политички последици кои, во крајна сметка, може да се покажат како поважни од бројчаните. Клучен индикатор за тоа е многу ниската излезност. Според официјалните податоци, посочената распределба на мандатите во парламентот ги  отсликува политичките ориентации на помалку од половината граѓани на Србија со право на глас. На избори излегоа само 50,32 отсто од гласачите по пребројаните 70 проценти од бирачките места. Ваквата излезност е најниска во парламентарната историја на Србија  од 1990 година наваму. Од 71,4 отсто на првите парламентари избори излезноста на последниот, дванаесетти парламентарен изборен циклус падна на околу 50 проценти. Во престолнината Белград изборниот одзив се проценува само на 35 проценти!

Во теоријата, нема согласност околу прашањето колкава излезност е доволен индикатор за демократичност на политичкиот систем. Но, во секој случај, нема ниту дилема дека ниската излезност ја поткопува демократската легитимност на власта. За тоа речито зборува споредбата на политикологот Флоријан Бибер дека со ваквиот изборен резултат СНС ја надминува дури и Единствена Русија на Владимир Путин како владејачка партија со најголемо мнозинство во Европа, со исклучок на владејачката партија на Белорусија. Ниската излезност, наместо за демократски зборува за автократски карактер на власта.

Класните анализи на ваквата изборна апстиненција покажуваат дека излезноста е најмала меѓу средните граѓански слоеви на општеството. Овие класи ѝ го завртеле грбот на овогодишната изборна понуда, особено имајќи го предвид повикот за бојкот од страна на значајни опозициски партии. За тоа има повеќе причини. Нивното познавање и актуализирање е актуелно и за нас со оглед на тоа што изборната кампања кај нас е веќе во полн ек. Оттука, лекцијата од Србија може да биде поучна. На ова укажува тезата дека без граѓанска класа, без буржоазија, нема демократија (Б. Мур, С. М. Липсет и други).

Што политички ги привлекува и што ги одбива средните класи?  Прашањето не се поставува општо туку во дадените ситуации во Србија и Македонија – што ги привлекува, а што ги одбива средните класи во услови на епидемија? Прво, политичкиот говор на доминантните партии во Србија, пред се на СНС и на СПС се покажа некомпатибилен со аспирациите на овие класи. Популизмот кон кој прибегнаа двете партии не е формула на граѓанската класа. Луѓето со среден општествен статус – економски, образовен, резиденцијален се плашат од двете крајности карактеристични за нашето време. Ги плаши корумпираноста и бруталноста на елитите горе и поткупливоста и понизноста на масите долу.

Второ, меѓу радикализмот и иронијата средните класи секогаш се определуваат за втората опција. Српската опозиција се фали дека ниската излезност е резултат на нејзиниот повик за бојкот на изборите. Но, се чини дека повикот беше мудар потег за спасување на својот образ. Бојкотот се покажа како политички инструмент за релативно побезбеден излез од неуспехот претходните неколку месеци со нејзината политичка понуда и немушт политички говор да ја привлече оваа категорија граѓани. Додека опозицијата зборуваше неразбирливо, „ам, тум, шат, пат,“ граѓаните само иронично подбелуваа со очите и забите, како Небеска Тимјанова на Петре М. Андреевски.

Трето, средните класи ги плаши ширењето на теориите на заговор, неукоста на масите и нивниот лековерен оптимизам дека сѐ ќе помине како ништо да не било. Нејзините претставници го ценат тоа што го имаат, а пред сѐ животот и здравјето. Спротивно на тоа, властите во Србија, а предизборно и кај нас се поигруваа со политиките против ширењето на заразата. По завршувањето на изборите се дознава дека српските власти во предизборието манипулирале со бројките на заболени и починати, а сега повторно најавуваат враќање на рестриктивните мерки! Ваквите политички подигравки со здравјето на луѓето ја разнишаа довербата во здравствените власти. Некои претставници на овие институции јавно признаа дека нивните стручни укажувања немаат голема тежина кога се ставаат на политичкиот кантар.

Во вакви ситуации, секој одговорен граѓанин треба лично да одмери што му е поважно, личното здравје или политичкото здравје на нацијата. Нема демократска држава без парламент. Значи избори мора да има. Но, не смееме да заборавиме дека дотука сме дојдени поради тоа што овие од досегашниот и сѐ уште од нас платен состав на парламентот не сакаа да се вратат назад во пратеничките клупи. Од страв од зараза или од некој друг страв. А од страв луѓето подбелуваат и побледуваат, а заедно со нив и демократијата. Шансите и ние да имаме рекордно низок изборен одзив се реални.

(Ило Трајковски е универзитетски професор)