Револуција во најава: Претворија цигла во батерија


 

Во ѕидовите од куќите може да се чува струја, откако беше прикажана новата технологија која циглата ја претвора во батерија.

Научниците успеаја циглата да ја претворат во батерија така што ги искористија минијатурните шуплини во неа и ги исполнија со нановлакна кои може да складираат струја, пишува британски „Гардијан“.

Една цигла преработена на тој начин може да складира струја за помала светилка.

Доколку капацитетот на таквата цигла-батерија се зголеми, може да ги заменат постоечките литиум-јонски батерии.

Ваквата цигла работи на принцип на суперкондензатори, кои не работат врз основа на хемиска реакција, како батериите, туку со складирање на струјата во цврсти материјали. Тие често се користат за автомобили, локомотиви, трамваи или машини за собирање регенерирана сила на кочење или краткотрајно складирање струја.

Главната предност на суперкондензаторите е што многу побрзо се полнат и се празнат од батериите, но немаат толкава моќ на складирање како тие. Истражувачите во моментот работат на два колосека, еден е да го зголемат капацитетот на суперкондензаторите, а другиот е побрзо полнење на натериите.

„СОларните плочи на нечија куќа мора некаде да ја складираат електричната енергија и вообичаено за тоа користат батерии. Она што успеавме е да отвориме нова тема за сериозно разгледување“, вели Џулио Дарси од Универзитетот Сент Луис, еден од авторите на студијата во која циглата послужила за складирање електрична енергија.

Односот на зафатнината на циглата и енергијата која е складирана е само еден отсто во однос на батериите, но научниците мислат дека тоа може да се зголеми со додавање материјали како што се оксиди на метал, за да се зголеми капацитетот на цигла-батеријата.

„Кога би успеале да го изедначиме тој однос, би добиле технологија која е далеку поевтина од литиум-јонските батерии и тие би заминале во историјата“, вели Дарси.

Научниците потсетуваат дека суперкондензаторите имаат една огромна предност во однос на батериите – може да преживеат далеку повеќе циклуси на полнење и празнење отколку класичните батерии. Како што наведуваат, дури после 10.000 такви циклуси, капацитетот на цигла-батеријата почнува да опаѓа.