Рекордни снежни врнежи во Сеул, сообраќајот парализиран, летови откажани, илјадници без струја
Во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, денеска се евидентирани најсилните снежни врнежи за месец ноември во историјата, а лошото време предизвика застој во сообраќајот, прекин на електричната енергија и откажување на стотици летови. Властите најавуваат дополнителни снежни врнежи во наредните денови.
Најмалку две лица загинаа во сообраќајни несреќи на автопатите источно од главниот град, додека парчиња конструкции кои паѓале од згради и градилишта поради силниот ветер, повредиле неколку пешаци во Сеул, пренесе Ројтерс повикувајќи се на јужнокорејски медиуми.
Студениот воздух од северозапад го претвори дождот во снег во текот на ноќта, формирајќи снежна покривка од 18 сантиметри до 15 часот по локално време – најголеми снежни врнежи во Сеул од 1907 година, кога започнало мерењето, соопшти јужнокорејската метеоролошка агенција.
Повеќе од 200 летови, претежно домашни, се откажани или одложени, додека силниот ветер предизвика прекин на сообраќајот на најмалку 70 траекти низ земјата.
Илјадници домаќинства во неколку области на Сеул и централниот регион останаа без струја поради оштетувања на електричните водови, предизвикани од паднати дрвја и други снежни инциденти, објавуваат локалните медиуми.