Реконструкција на реконструкцијата


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Премиерот Зоран Заев, сепак, ја избра потешката опција кога одлучи да ја реконструира владата, отфрлајќи ги со тоа другите сценарија што самиот преку ноќ ги стави во игра, откако почна да се наѕира дека домашниот есап за добивање датум за преговори со ЕУ кон крајот на овој месец не се покажа најверодостоен на европската „берза“.

Очекувањата дека овој јуни Северна Македонија ќе добие датум, всушност, ги поттикнаа токму лидерите на земјите членки на ЕУ со заклучокот од минатогодишниот самит. Но, ако интенцијата беше и е преговорите да почнат до крајот на годинава, помалку е важно кога формално ќе биде донесена одлука за тоа. Ако терминот за старт на преговорите што ќе стои во одлуката е фиксиран за до крајот на 2019 година, ирелевантно е дали таа ќе биде донесена овој месец, во текот на летото или рано наесен.

Единствениот хендикеп е тоа што со пролонгирањето на тајмингот за формализирање на одлуката за преговори со ЕУ се пролонгира и атмосферата на неизвесност во домашната политичка арена. Кормиларот на Владата, пак, поради тоа, практично, се најде во ситуација да ја реконструира идејата за реконструкција, односно да се наврати на првичното сценарио што го најави уште меѓу двата круга од претседателските избори. Тогаш сè уште никој не се сомневаше дека Европскиот совет во јуни ќе ја поттурне нашата земја во следната фаза од евроинтеграцискиот процес.

Да ја реализираше досега Заев чистката во кабинетот, веројатно, немаше ниту да дојде во позиција да ѝ сервира на јавноста други сценарија за надминување на состојбата што искрсна околу датумот за преговори. Но одложувањето на „проветрувањето“ сè досега, кога премиерот конечно си зададе рок од десетина дена за да го заврши почнатиот процес, само по себе претставува доказ дека смената на министри е чувствителна работа. Особено кога за тоа треба да се преговара со коалициски партнери кои не секогаш се конструктивни, особено ако треба да се заштитат влијателни партиски кадри – макар и нивниот учинок во извршната власт во изминатите две години да е еднаков на нула. Во таква ситуација, полесно е да се распуштат сите локални раководства на СДСМ, целиот извршен одбор и сите секретари и потпретседатели на главната владејачка партија отколку да се сменат три-четворица или максимум осум министри.

Од тој аспект, за премиерот ќе беше можеби полесно да го врати мандатот кај новиот шеф на државата и од почеток – тој или некој друг од неговиот табор да почне да составува влада. Или, пак, да распише предвремени избори на половина од мандатот не чекајќи евентуално да налепи нови негативни политички поени на контото на владејачката постава. Ако ништо друго, на таков начин барем ќе ги сведеше на минимум личните и внатрепартиски незадоволства што сега може да го очекува, кога со прст ќе покаже за кои членови на владата смета дека не биле на висината на задачата. Од друга страна, која било друга опција да ја избереше, освен најавената реконструкција, многу поголем ќе беше ризикот од губење време за спроведување на реформите и за комплицирање на политичката клима пред донесувањето на одложената, ама се уште силно очекувана и посакувана одлука за почеток на преговорите – до крајот на годинава.

Премиерот Заев ја најави „метлата“ на 22 април – ден по првиот круг од претседателските избори, во обид да ја „исчисти“ евидентираната апатија на избирачкото тело која резултираше и со мошне тесна разлика меѓу кандидатите на власта и на опозицијата. Бомбастичната и сликовита најава ја постигна целта, како што можеше да се забележи две седмици потоа – во вториот изборен круг. Оттогаш поминаа месец и половина или речиси два месеци, ако се смета од датумот кога актерот му ја подари на премиерот метлата од маркетот во Карпош. Да требаше да се спроведе и трет изборен круг, и тоа ќе беше досега завршена работа.

Во меѓувреме, Стево Пендаровски се всели во претседателската резиденција на Водно, а Ѓорге Иванов се пресели во облакодерите на Џеваир Хоџа во Аеродром. И Заев отпатува за Берлин и пак се виде со Ангела Меркел. И Талат Џафери замина за Кина. И СДСМ доби нов Извршен одбор. И Љупчо Николовски стана генерален секретар на СДСМ и најави оставка од министерската функција. И Али Ахмети ги распушти сите локални лидери на ДУИ…

Само екипата на „Илинденска“ сè уште е иста. Додуша, без Асаф Адеми и со ново министерство за политички систем кое нема министер, додека Хазби Лика сега и во буквална смисла на зборот е министер без ресор и вицепремиер без овластувања. Во меѓувреме, се одложи и одлуката за доделување датум за почеток на преговорите со ЕУ. Затоа, пак, премиерот Заев веќе не може да ја одложува одлуката за владина реконструкција. Особено не сега откако ги отфрли другите можни сценарија, што попатно се наметнаа.