Реките на Алјаска добиваат портокалова боја, р’ѓа се слева во нив (видео)


Некои од најживописните реки и потоци на Алјаска во последниве години добиваат апокалиптична, светло портокалова боја.

Но, причината не е локалното загадување, како што би можело да се помисли, туку ‘рѓата ослободена од топењето на пермафростот, предизвикана од глобалното затоплување.

И ‘рѓата се пробива во водните патишта, претставувајќи сериозна закана за дивиот свет, локалното население и комерцијалниот риболов, според годишниот извештај на Националната океанска и атмосферска администрација (NOAA) за арктичкиот регион.

Феноменот е јасен показател дека Арктикот се затоплува неколку пати побрзо од остатокот од планетата, преобликувајќи ги северните пејзажи, екосистемите и животот на луѓето таму. Научниците предупредуваат дека масовното топење на мразот дополнително ќе го покачи нивото на морето и ќе ги наруши временските обрасци низ целиот свет.

„Кога Арктикот се топи и се затоплува, тоа влијае на глобалната клима“, изјави за NPR Метју Друкенмилер, главен автор на извештајот и научник во Националниот центар за податоци за снег и мраз. Тој го опиша Арктикот како џиновски фрижидер за планетата, чие топење веќе предизвикува проблеми како што се масовни пожари и екстремни летни топлотни бранови далеку надвор од нејзините граници.

Жителите на Алјаска почнаа да забележуваат портокалови водни патишта уште во 2018 година. „Слушнавме од луѓе кои живеат во регионот – пилоти кои летаат над нив, луѓе во национални паркови“, рече Џош Кох, хидролог од Геолошкиот завод на САД.

Процесот е едноставен и загрижувачки. Како што се зголемуваат температурите, пермафростот – земјата што нормално е трајно замрзната – се топи. Ова ослободува железо од почвата, кое оксидира кога е изложено на вода и воздух, создавајќи ‘рѓа што ги претвора реките и потоците во портокалова боја. Истражувањата покажаа дека ова загадување се проширило на стотици километри земјиште во Алјаска.

„Честопати не станува портокалово сè додека не стигне до потокот, а потоа целото железо и другите метали можат да се наталожат и да ја создадат оваа боја на железо“, додаде Кох.

Покрај промената на бојата, „’рѓосаните“ реки стануваат покисели, што може да биде фатално за рибите. На пример, популацијата на млади златни рипки Доли Варден драматично се намали, најверојатно поради вишокот железо во нивното живеалиште. Ова е исклучително лоша вест за целиот екосистем на Алјаска, бидејќи последиците се директно поврзани со луѓето.

„Синџирот на исхрана е поврзан со животот на луѓето што живеат на Арктикот“, заклучи Дракенмилер. Иако сè уште не е јасно дали жителите се директно загрозени од контаминираната вода, локалните научници внимателно ја следат ситуацијата.