Регулаторната комисија за енергетика одбележа 20 години постоење


Со порака дека вработените и интегритетот вграден во секоја одлука претставуваат носечки столб во функционирање на енергетските пазари, но и дека независнота на институцијата е клучна, вчера Регулаторната комисија за енергетика, надлежна и за водни услуги и управување со комунален отпад, одбележа две децении од основањето. Во  пригодниот говор, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски рече дека цените на електричната енергија се задржаа стабилни, како и дека во декември ќе стартува евтината дневна тарифа. 

„Две децении од институцијата која се профилираше како гарантор за сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергенси во нормални и вонредни околности: енергетска криза, пандемија, карантин, економско – политички реструктуирања“, рече Бислимоски посочувајќи дека основната идеја за постоењето на регулаторот е да биде браник од високите очекувања на природните монополите, преку методологиите кои ги применува за да осигура висока заштита на потрошувачите.

„Вработените, кои што се врвни професионалци со интегритет – се сржта на оваа институција и затоа сите иницијативи, мерки и одлуки кои се преземаат од нас се со единствена цел – да се заштитат потрошувачите и да се обезбеди функционирање на виталните инфраструктурни енергетски системите кои се и стратешки“, рече Бислимоски.

Покрај одредувањето на тарифите и преземањето на мерки за да се обезбеди сигурна и стабилна испорака на енергенси, денес, улогата на регулаторот најмногу се гледа и преку овозможување и олеснување на енергетската транзиција.

„Создадовме клима и имиџ на земја Ел дорадо за фотоволтаци. Конечно во потполност, испишавме реална македонски приказна за земја на Сонцето. Регулаторниот патриотизам нотира нови над 410 MW инсталиран капацитет, за само 20 месеци. Овој инсталиран капацитет е доволен за ги обезбеди потребите на 135.000 домаќинства. Инвестициите во обновливите избори и диверзифакцијата на снабдувањето со енергенсите се покажаа како клучен комбиниран метод во имунизацијата за намалување на ударите од енергетската криза“, нагласи Бислимоски.

Осврнувајќи се на енергетските предизвици низ последниве години кои имаа драматичен развој, Бислимоски рече дека бевме соочени со реална можност за ескалација и рестрикции поради геополитичките случувања, но проактивноста ја позиционираше регулаторната како пример во новиот регулаторен пристап и практика на надлежностите кои потрошувачите ги поставија во центарот на вниманието.

„Намалување на ДДВ-то како антикризна мерка со цел да се заштити стандардот на граѓаните, беше директно иницирана од Регулаторната комисија за енергетика. Блок тарифите кои се поставени на принципот кој троши помалку, плаќа помалку – е модел кој скоро две години е на сила и стана пример во енергетската пракса“, рече Бислимоски додавајќи дека ова е резултат на интегрираното знаење и искуство на регулаторната комисија и соработката со електро техничкиот и машински факултет. Годинава пак заедно со економскиот факултет се фокусирани кон зајакнување на методологиите.

„Цените ги задржавме во опсег стабилен, а денес сме и на прагот пред воведување на дневна евтина тарифа која реално ќе стартува со очекуваните пониски температури – во декември“, рече Бислимоски.

Тој нагласи дека енергетската криза ни покажа дека континуираните инвестициите се единствените инекции за имунизација за да се избориме со енергетската зависност и затоа недвосмислено циклусот на вложувања мора да се зајакне, како и дека секоја финансиска помош однадвор е добредојдена во секторот затоа што тоа е влог во нашата енергетска независност која се гради со децении. 

„Од тука сакам да порачам дека градењето на капацитетни институции не почнува, ниту пак завршува од зградата. Вработените преку изразениот интегритет вграден во секоја одлука претставуваат носечки столб во функционирање на енергетските пазари што подразбира сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична и топлинска енергија, како и нафтени деривати“, рече Бислимоски.

Тој се осврна и на обидите да се загрози независноста на оваа институција.

„Заговарањето на идеи од одредени структури – регулаторот да се ослободи од својата финансиска независност и да се подреди во рамка, значи губење на автономијата – со што може да ја доведе во прашање независноста, што е клучен постулат кој се бара од нас и по кој сме препознаени од енергетските европски и меѓународните институции. Затоа во континуитет, пет години по ред Енергетската заедница не прогласува за најдобар регулатор што е резултат на спроведените реформи, оценетиот интегритет и независноста. Во овој сегмент вредно е да напоменам дека Регулаторите не користат средства од буџетот, туку се самоодржливи“, рече Бислимоски.