Речиси сите вакцинирани, речиси сè нормално


Тешко дека со 34.000 жители Гибралтар е пример за другите, но е прво место во Европа каде, благодарение на вакцинацијата, епидемијата во голема мерка е надмината.

Рестораните работат до доцна во ноќта, а ковид-позитивни нема.

Откако маските веќе не мора да се носат на отворено, Саманта Сакраменто постојано има чувство дека нешто заборавила додека оди по улица.

„Мислам дека психолошки допрва мора да се оправаме“, вели министерката за здравство на малата британска област на јужниот `рт на Пиринејскиот Полуостров.

Укинати се забраните за излегување, баровите и рестораните работат до 2 часот по полноќ, како и пред пандемијата. Шпанските телевизии го посетуваат Гибралтар и зборуваат со луѓето кои чувствуваат олеснување. „Можеби наскоро ќе живееме како претходно“, вели една келнерка.

Ова е чиста спротивност на остатокот од Европа каде мерките се заоструваат поради се поголемиот број новозаразени.

Од друга страна, Гибралтар со 34.000 жители врвот на пандемијата го имаше во јануари со 172 нови зарази дневно. Во малата бротанска прекуморска област од Ковид-19 починаа 94 лица.

Вакцинираат и Шпанци

Последните денови празно е ковид-одделението во локалната болница „Свети Бернард“. Позитивни нема.

На карпата, за тоа може да се заблагодарат не само на претходните строги мерки, туку и на речиси потполната вакцинација. Освен жителите, вакцинирани се и десетина илјади луѓе кои живеат во Шпанија, но работат на Гибралтар и секој ден патуваат. Во Андалузија, соседниот шпански регион, ситуацијата со короната и вакцинацијата не е ни малку розова.

Вакцинацијата на Гибралтар, со вакцини од Велика Британија, не беше голем логистички предизвик – цела држава се протега на 6,5 км2.

За час се вакцинирани речиси сите – три отсто одбивата да се вакцинираат. Во оваа област веќе функционира некој вид ковид-пасош.

Сепак, не е баш сè како порано. Управата на Гибралтар игра внимателно, така што маските се задолжителни во продавници. Неодамна е одржан бокс меч на кој присуствуваа 500 гледачи. Сите биле вакцинирани со две дози вакцина, а пред влезот им бил направен брз тест.