Размената со Русија лани зголемена за шест отсто


Бектеши-Баздникин: Има голем потенцијал за продлабочување на економската соработка со Руската Федерација, особено во туризмотт и енергетиката

Можноста за продлабочување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација беше главна тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и амбасадорот на Руската Федерација Сергеј Баздникин.

На средбата, информираат од Кабинетот на Бектеши, беше изразено задоволство од континуирано плодната соработка и цврстите пријателски односи меѓу двете земји. Министерот посочи дека стратешки интерес на нашата држава се членството во НАТО и интеграциите во ЕУ, но и одржување на добри билатерални односи со традиционална пријателските земји како што е Руската Федерација. Беше констатирано дека Република Северна Македонија и Руската Федерација остваруваат интензивна економска соработка, при тоа доминантен облик на соработката е трговската размена. Податоците за трговската размена покажуваат дека за 11 месеци минатата година и покрај пандемијата е остварен раст на билатералната трговија од 6 отсто, извозот е зголемен за 9,7, а увозот за 4,6 отсто во однос на 2019 година.

На состанокот се разговараше за четирите сета економски мерки кои Владата ги донесе за поддршка на граѓаните и стопанството и ублажувањето на негативните ефекти од социо-економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот.

Министерот Бектеши истакна дека мерките ги даваат посакуваните резултати врз економијата и посочи дека во петтиот сет мерки што е во завршна фаза, поддршката ќе биде насочена кон најпогодените сектори и граѓани и ќе имаат за цел ревитализација на економијата.

Двајцата соговорници се согласија дека зголемувањето на економската соработка меѓу двете земји ќе остане приоритет во наредниот период, посебно во делот на туризмот и енергетиката.