Расте бројот на загрозените белоглави мршојадци во Македонија

Бројот на загрозените белоглави мршојадци во Македонија бележи значителен пораст, покажуваат најновите податоци од пребројувањето спроведено од Македонското еколошко друштво (МЕД) и Здружението за зачувување на природата „Аквила“ од Кавадарци.
Оваа гнездечка сезона се потврдени 19 до 20 активни двојки, што претставува највисока бројка од 2010 година наваму.
Од вкупниот број, 9 двојки се гнездат во колонијата во Демиркаписката Клисура, додека 10 до 11 двојки се сместени во колонијата на Тиквешкото Езеро. Ова е значаен напредок, имајќи предвид дека во 2018 година, поради честите инциденти со труења на Балканот, популацијата беше сведена на само 6 двојки.
Позитивниот тренд се должи на интензивирањето на борбата против користењето на отровни мамки, особено преку проектот BalkanDetox LIFE, финансиран од Европската Унија. Дополнително, поставувањето на ГПС локатори на голем број птици од страна на експерти од Македонија, Бугарија и Грција овозможи нивно постојано следење и навремена реакција при опасност од труење. Овие мерки овозможуваат и превентивно делување, што значително придонесе за зголемување на бројноста на мршојадците низ целиот Балкански Полуостров, информираат од Македонското еколошко друштво.
Во моментов, најмалку 16 млади пилиња се наоѓаат во гнездата, минувајќи низ најризичниот период од својот живот – достигнување целосна големина и осамостојување. Во овој период тие се соочуваат со сериозна закана од недостиг на храна, бидејќи нивната исхрана главно се состои од угинати диви и домашни животни. Затоа, мрежата на хранилишта во регионот треба да се прошири за да им се зголемат шансите за опстанок.
Македонското еколошко друштво изразува надеж дека со натамошна работа и малку среќа, во следните неколку години ќе биде надмината бројката од 25 двојки – праг што пред повеќе од две децении се сметаше за критично низок кога започнаа напорите за нивна заштита.
Белоглавиот мршојадец останува еден од најзначајните индикатори за здравјето на екосистемот, а неговото закрепнување е резултат на долгорочна и координирана еколошка акција и регионална соработка.