Расте бројот на загинати во уривањето на мостот во Бразил


 Бразилските власти денеска соопштија дека бројот на загинати во уривањето на мостот во Бразил се искачи на осум, додека најмалку девет лица се уште се водат како исчезнати.

Во неделата, автомобили и камиони кои го минуваа мостот Јушелино Кубичек, на границата на северните бразилски држави Маранџао и Токантинс, паднаа во длабока река откако се урна дел од мостот.

Полицијата соопшти дека осум возила паднале во реката: четири камиони, два автомобили и два мотоцикли.

Истрагата е во тек, соопштија полицијата и бразилскиот оддел за патишта, но потрагата по преживеаните во реката е бавна поради ризикот од излевање на сулфурна киселина од еден од камионите.

Надзорникот на секретаријатот за животна средина во државата Маранџао денеска изјави дека ризикот од излевање е намален откако е пронајден недопрен резервоар со 76 тони сулфурна киселина и 22.000 литри агрохемиски материи. Ниту еден од тие хемиски резервоари се уште не е отстранет.

– Најлошото сценарио би било истекување на товар за време на несреќата. Тоа не се случи, резервоарите се недопрени, рече тој.

Мостот долг 533 метри меѓу градовите Естреито и Агиарнополис е изграден во 1960-тите. Се наоѓа на околу 1.300 километри северно од главниот град Бразилија.