Ралповски: Наставник во основно образование треба да зема 37.000 плата


Фото: Независен весник

Владата и на Министерството за труд и социјална политика не го почитуваат Законот за минимална плата, тврди Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати – ККС. Појаснува дека Законот предвидува, во членот 2, дека на секој работник основната плата мора да биде минимална, а во членот 8 вели дека доколку се покачи минималната плата треба да се усогласат колективните договори и платите на работниците. Па, пресметува дека еден наставник во основно образование треба да зема плата од 37.000 денари.

– Точно е дека треба да се покачи минималната плата. Во Македонија некаде околу 110-120 илјади работници примаат минимална плата. Тоа се работниците од трудо-интензивните дејности и работниците во јавниот сектор. Додека во јавната администрација, административните службеници, пред се морам да кажам еден податок за да ви биде појасно како е поставена и која е структурата на вработени во јавниот сектор, на пример околу 130 илјади кои се под буџетот на Република Македонија, отприлика 48 отсто од вработените се со средно образование или пониско образование, тоа значи дека нивната плата според каталогот на работни места, систематизацијата и бодот којшто го одредува Владата е 13. 400 за помлад референт, до 16.600 за самостоен референт. Тука помеѓу имаме уште две категории – референт и виш референт. Доаѓаме до една ситуација каде што оваа група на работници станува социјална категорија, затоа што доаѓаме до категорија да добиваат минимална плата. Тука во оваа категорија спаѓа и помошно-техничкиот персонал како хигиеничари, курири, шофери итн. Понатаму во трудо-интензивните дејности има околу 20 илјади работници кои земаат минимална плата, и понатаму во јавните претпријатија, комуналните претпријатија, не зборуваме за Градот Скопје, туку оние што се формирани од општините низ внатрешноста или општините во Скопје, сите тие сезонски работници земаат минимална плата. Проблемот од каде доаѓа? Проблемот доаѓа од непочитувањето на Владата и на Министерството за труд и социјална политика на Законот за минимална плата. Законот предвидува, во членот 2, дека на секој работник основната плата мора да биде минимална, а во членот 8 вели дека доколку се покачи минималната плата треба да се усогласат колективните договори и платите на работниците. Ние излегувавме на улиците и баравме усогласување на платите согласно минималната плата. Ако еден наставник во основно образование, при основна плата со колективен договор додека беше 9.300, неговиот коефициент на сложеност е 2.503 и земал 20 илјади денари плата, сега доаѓаме до ситуација во која минималната плата треба да се поможи со тој коефициент и еден наставник да зема 37 илјади денари плата. Тоа важи и за административните службеници и за вработените во јавните претпријатија и за акционерските друштва коишто ги формираше државата, а верувајте никаде по вертикала не се усогласени платите. И доаѓаме до еден хаос на урамниловка кој државата го направи и сега не знае да го реши и бара помош од приватниот сектор за да се покачи минималната плата на 18 илјади денари. Ние велиме „да“ за да се покачи минималната плата, но државата треба да субвенционира на своите 70-80 илјади работници да им помогне за да може да го добијат она што го заработуваат. Но наместо тоа ние имаме еден фрапантен податок каде што во 2017 година сите вработени во јавниот сектор, тогаш бројката изнесувала 170 илјади, а во првиот квартал од 2021 бројката е 205 илјади. Ако разговараме дека три години се разговараше за функционална анализа и за трансфер од јавен во приватен сектор заклучете сами каков трансфер се случил во државата и кој е одговорен за платите и за сиромашните работници во државата – вели Ралповски во неделното интервју за Радио слободна Европа.