Раката што сака многу да фати не може силно да стегне


АНА ПАВЛОВСКА – ДАНЕВА

Размислував деновиве за значењето на правничката професија и како никогаш досега ме облеа силно чувство на страв. Страв од нејзиното значење и последиците од нејзиното вршење (во овој момент, во оваа држава). Страв од резултатите од работата на правниците кои не го знаат правото. Страв од постапките на луѓето кои се избрани на позиции да спроведат право, а не се обучени да го прават тоа. Страв од лицата што треба да креираат право, кои треба да произведат правен акт, а не ја знаат ниту, пак, почитуваат правната наука. Страв од оние што треба да протолкуваат и спроведат правна норма, без неа да ја имаат прочитано. Страшни и немерливи се последиците од неточна, неоснована, неаргументирана правна одлука. Уште пострашно би било во државата да не постои судска инстанција која таквите одлуки би ги поништувала.

А, нам токму тоа ни се случува. Се претворивме во држава на сезнајни експерти по право, кои немаат правна наобразба, кои не знаат да „читаат закони“ (во правната „фела“ незнаењето да се чита закон означува неспособност тој да се сфати, толкува и примени), кои не допреле правна литература, а спроведуваат право и носат одлуки. Нашето законодавство дозволува вработување на сите професии во јавната администрација. Сметам дека е тоа неопходно. Но, треба да се запрашаме дали е неопходно да се дозволи правните постапки (процедури) да ги спроведуваат неправници. Дали е навистина нужно со државните органи, чија основна дејност е носење на правни акти, да раководат лица кои не познаваат правна процедура? Немаме многу вакви законски решенија, но и тие малобројни што постојат произведуваат проблем.

Каде е нелогичноста на македонскиот правен поредок од понов датум? За да може едно лице да се вработи како државен службеник во централната или локалната администрација, тоа мора да полага стручен испит во кој детално се застапени неколку правни области. Значи, за да може инженер, лекар, економист или политиколог да се вработи во државна администрација (а, потем и да се стекне со право во својство на државен службеник да носи одлуки од областа за која е стручен) тој мора да има детални познавања од уставно право, административно право, управна постапка, право на ЕУ и сл. Но затоа, пак, политички избраните и именувани функционери кои имаат надлежност да одлучуваат за права и обврски на граѓаните, ниту мора да полагаат стручен испит од областа на правото ниту, пак, да поминат обука за правните процедури чии правила претставуваат цела наука.

Ова е проблем. Проблем кој мора да се санира.

Прво, зашто одлуките за човечките судбини (права, правни интереси и обврски на граѓаните) еднакво се врзани со содржината на материјалните закони колку што се врзани со правната процедура. Нема правно основана одлука која не е донесена во правно уредена постапка!

Второ, зашто незнаењето на правната процедура од страна на државните органи (собраниски или владини, сеедно) резултира со покренување на сложениот и скап механизам наречен – судска контрола. А, тоа чини пари и време.

Трето, зашто непочитувањето на правните процедури и на судските одлуки од страна на избран и именуван функционер повлекува негова политичка одговорност. А, политичката одговорност (дури и самото нејзиното барање) често повлекува политички турбуленции, несогласувања и немири кои водат кон политички кризи кои на државава ѝ се најмалку потребни.

Преостанува само едно решение: обединување на сите правници во своите напори, заложби и работа да се постигне владеење на правото преку негова доследна примена од страна на највисоките органи на државна власт.

Деновиве станува актуелно прашањето за примената на процесното право токму од страна на еден таков значаен државен орган во кој граѓаните вложија високи очекувања и голема надеж. Првите одлуки на државниот орган изгледаат како тој да си зел врз себе товар (читај: надлежност) поголем од тоа што законодавецот му доверил, па дури и потежок од оној што најгладниот за право и правда наш граѓанин го очекувал. Еден наш академик, исклучителен професор по право, во вакви ситуации знае да предупреди на следниов начин: „Раката што сака многу да фати, не може силно да стегне!“

Покрај своевидното проширување на сопствената надлежност, овој државен орган низ една неумесна изјава на првиот (или првата) меѓу еднаквите свои членови (и членки) ја доведе во прашање судската јурисдикција во контролата на одлуките што овој орган ги носи. Со други зборови, најави своја недопирливост. Правна супериорност.

Хм, искрено сакам овој орган повторно да заживее и да ја врати својата стара слава. Да стане ефикасен. Неговото постоење и работа да вродат со плод. Затоа, нема да се служам со иронија, ниту ќе критикувам. Само ќе посочам дека не постојат недопирливи одлуки кои не подлежат на судска контрола. Не зашто така сакаат правниците, експертите, професорите, судиите. Зашто Уставот така кажува. Зашто така кажува Законот за управни спорови. И зашто Законот за општата управна постапка така кажува.

„Со овој закон се уредува постапката… по која се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, кога во вршењето на своите законски надлежности постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија во управни работи.“ (чл. 1 од ЗОУП).

Што се управни работи? „Управни работи претставуваат сите акти и дејствија преку кои се изразуваат или извршуваат надлежностите на јавните органи, а со кои се решава или влијае на правата, обврските или правните интереси на физичките лица, правните лица или другите странки во постапката…“ (чл. 4 ст. 1 алинеја 4 од ЗОУП)

Што се управни дејствија? „Управно дејствие опфаќа донесување на управни акти…во согласност со закон“ (чл. 4 ст. 1 алинеја 5 од ЗОУП)

Што е управен акт? „Управен акт е поединечен акт на јавен орган донесен врз основа на закон со кој се решава за права, правни интереси и обврски на странките. Управните акти можат да бидат насловени како решение, одлука, наредба, лиценца, дозвола, забрана, одобрение или други“. (чл. 4 ст. 1 алинеја 6 од ЗОУП )

Што е јавен орган? „Јавен орган претставуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје. (чл. 4 ст. 1 алинеја 1 од ЗОУП).

Не е страшно да се згреши. Секоја грешка носи некаква санкција, од која се учи, се стекнуваат искуства. Правото дозволува и државните органи да згрешат. Затоа постојат управните судови. Ќе ја анулираат незаконитата одлука, а државниот орган ќе донесе нова, законита. Така функционира правната држава.

Страшно е кога грешката не се признава. Пострашно е кога законите и судовите не се признаваат. Најстрашно е кога непризнавањето на законите и судовите го прават државни функционери.