„Рајанер“ ќе ја затвори базата во Солун
„Рајанер“ ќе ја затвори својата база на аеродромот во Солун во Грција оваа зима и ќе го намали бројот на летови до и од градот, откако операторот на аеродромот Фрапорт ги зголеми годишните такси, изјави вчера неговиот главен комерцијален директор.
Во разговор со новинарите во Атина, Џејсон Мекгинес рече дека немало напредок во разговорите меѓу нискобуџетниот превозник и Фрапорт, кој ги зголеми таксите на голем број грчки аеродроми. „Фрапорт Грција продолжи да ги зголемува таксите, кои сега се 66 проценти над нивоата пред Ковид“, предупреди Мекгинес.
„Фрапорт Грција“ нагласи дека сите тврдења што ја поврзуваат одлуката на Рајанер со аеродромските такси или со таксата за развој на аеродромот што ја наметна грчката држава се целосно неосновани.
„Одлуката за намалување на зимските операции на аеродромот „Македонијa“ во Солун е исклучиво поврзана со комерцијалната стратегија, деловниот модел и размислувањата за профитабилност на Рајанер“, соопшти Фрапорт.
Ирскиот превозник, најголем во Европа според бројот на патници, има 95 оперативни центри низ целиот континент каде што ги задржува авионите и кабинскиот персонал. Исто така, минатиот месец објави дека ќе ја затвори својата база во Берлин поради повисоки такси и даноци.
Мекгинис не кажа дали најновиот потег ќе доведе до намалување на работните места меѓу 100-те луѓе што работат во базата во Солун. Капацитетот се намалува и на аеродромот во Атина за претстојната зима, што резултира со вкупно губење на 700.000 седишта и 12 рути низ Грција. Авионите ќе бидат пренасочени кон Албанија, Италија и Шведска.