Радијаторите се „вжештија“ и пред почеток на грејната сезона

За енергетичарите проблемот со парното во Скопје е помал од оној со електричната енергија, особено ако струјата мора да се купува по берзански цени


 

Дали грејната сезона која што почнува за дваесетина дена граѓаните ќе ја дочекаат со топли радијатори е прашање коешто си го поставуваат над 50 илјади домаќинства, институции и приватни фирми коишто се корисници на системот на централно греење во Скопје. Од една страна, надлежните министри смируваат и уверуваат дека парно ќе има, а од друга, секојдневно пораки преку медиумите разменуваат Регулаторната комисија за енергетика, БЕГ, Електростопанство и други фирми кои се или биле вклучени во бизнисот со производство и дистрибуција на топлинска енергија.

Сите тие на свој начин ги интерпретираат одредите од Законот за енергетика, придонесувајќи радијаторите да се „вжештат“ и пред почетокот на грејната сезона. БЕГ нема лиценца ниту гас за продолжување на дејноста, „Адора“ е во преговори со ЕСМ околу закуп и продажба на топланите „Исток“ и „Запад“, државата преговара со ТЕ-ТО околу производство на топлинска и електрична енергија, а нејасно е од каде и по која цена ќе се набавува гас.

Дел од енергетичарите сметаат дека и покрај краткиот период, сепак ќе се изнајде решение за греењето. За нив, поголем предизвик претставува електричната енергија. Ваквиот став го дели и поранешниот прв човек на „Топлификација“, Димитар Хаџимишев, кој вели дека проблемот со централното греење во Скопје е малку полесен затоа што треба помалку гас, но за електричната енергија вели дека може да биде многу тешко, особено ако неповолните состојби продолжат и по Нова година.

„Количеството гас кое е потребно за топлификацискиот систем е десет пати помало од сумата  пари кои ќе ги даваме за субвенции“, вели Хаџимишев, потсетувајќи дека цената на електричната енергија во моментов од 400-600 евра за мегават час. За споредба, кога се градеше ТЕ-ТО, цената на мегават час електрична енергија беше 50 евра. Во декември лани беше околу 100 евра за мегават час.

Хаџимишев вели дека за нормално функционирање на топлификацискиот систем се доволни и постојните топлани, но со ТЕ-ТО, како приватен енергетски субјект кој произведува топлинска и електрична енергија, целата шема е поисплатлива, бидејќи на тој начин ќе се обезбедат околу 40 отсто од потребите.

Во однос на набавките на гас за топланите, „Макпетрол“ има можности да плаќа во рубљи, а постои можност тоа да се направи и преку земји кои исто така гасот може да го плаќаат во руска валута, како Србија на пример. ТЕ-ТО, пак, е околу 90 отсто во сопственост на инвеститори зад кои сега најверојатно стои „Гаспром“. Кај мазутот главен проблем се транспортните средства за превоз на овој енергент, кој изминатите години го загуби своето значење.

За Хаџимишев главен проблем со кој ќе се соочи земјава е производството и увозот на електрична енергија. Како што вели, „научна фантастика дека ќе носиме јаглен“.

„Прво, како ќе го донесеме, а второ дали ќе добиеме дозвола да купуваме јаглен. Има правила, забрането е. Така што, ако на крајот се соочиме да немаме јаглен и да не може да се купи, е тогаш ќе е страшно“, вели Хаџимишев.

Во таков случај, земјава ќе биде принудена да купува електрична енергија по енормни цени, а дома да ја продава по субвенционирани цени, што практично води во банкрот.

„Ако ја поскапиш цената на струјата, ќе ја ‘запалиш’ владата“, вели тој додавајќи дека проблем ќе биде и за топлификацискиот систем каде што струјата е голем трошок.

Хаџимишев вели дека со работењето на ТЕ-ТО ќе се покриваат меѓу 40-50 отсто од потребите на топлификацискиот систем, што значи дека потребните средства на оној кои што ќе управува со производството ќе бидат многу помали. За ТЕ-ТО, пак, тоа е можност да прави сериозни пари, бидејќи струјата би ја продавал на домашниот пазар, а за државата да набавува струја по сепак поповолни цени од оние на берзите.

„Во регионот има две релевантни берзи од кои може да се купува електрична енергија, тоа се Атинската и берзата во Будимпешта“, вели Хаџимишев. „Ако дојдеме во ситуација струјата да треба да се купува на пример на берзата во Будимпешта, треба да се има предвид дека таа се набавува со клаузулата ЦИФ Будимпешта“, вели тој. За појаснување, кратенката ЦИФ се однесува на „трошоци (цена), осигурување и товар“, во случајов до Будимпешта. Но, струјата купена таму треба да се донесе во земјава, а таа исто како и гасот, поминува низ коридори. Гасот низ цевки, струјата низ жици.

„Тие жици имаат ограничен капацитет. Значи, треба да се закупи капацитет за струјата да дојде до границата на Унгарија и Србија, каде капацитетот е уште поограничен и да се плати кросбордер, па треба да се плати транспортен коридор во Србија, за да се дојде на границата Србија – Македонија…“, појаснува Хаџимишев, додавајќи дека кога струјата ќе дојде во Македонија ќе биде со цена која е значително поголема од таа што е на берзата Хупекс, која и онака е екстремно висока.

„Значи, ризикот да нема парно греење е многу помал од ризикот да банкротираме поради цената електричната енергија“, вели Хаџимишев.

Надлежните уверуваат дека граѓаните не треба да бидат загрижени и дека топлинска енергија ќе има.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека е обезбеден гас, а ЕСМ и „Адора“ влегуваат во преговори кои мора да се согласно сите законски прописи и процедури.
„Независно дали е ЕСМ или БЕГ, граѓаните ќе добијат топлинска енергија“, истакна вицепремиерот.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека Владата има многу јасен план за справување со енергетската криза, а тоа е ставање во функција на сите енергетски капацитети – оспособување на Блок 3 во РЕК „Битола“, ставање во функција на ТЕЦ „Осломеј“, а во функција е ставен и првиот котел на ТЕЦ „Неготино“. Тој вели дека се работи постојано и се разговара со сите земји за најсоодветно снабдување со енергија, меѓу кои Србија, Бугарија и Турција.

„Со Србија веќе водиме разговори. Со Бугарија имаме разговори, но таму е малку посложена ситуацијата, бидејќи во моментов нема парламент, а нивното законодавство е прилично ограничено во однос на продавање вишоци на електрична енергија со директни договори и тоа мора да го прават преку берза. Со Турција, сметам дека сме на добар пат да обезбедиме пат за енергија“, изјави Ковачевски.