Транспортните услуги ќе влијаат врз инфлацијата, вели Мицкоски
Цената на храната е зголемена под 1 отсто во месец април во споредба со март 2026 година, покажуваат анализите на Владата кои ги прави врз основа на добиентите бројки од Државниот пазарен инспекторат, информираше премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите по отварањето на пазарот за електрична енергија во Скопје.
– Најмногу се зголемени транспортните услуги и секако тие ќе влијаат во крајниот износ на инфлацијата за април, која очекувам да излезе деновиве – рече Мицкосцки.
Премиерот Мицкоски посочи дека има зголемена инфлација и во еврозоната. Во Бугарија е веќе над 6 отсто, Хрватска се движи околу 6, а Грција околу 5.
-Нема како ние да останеме имуни на ова. Имајќи предвид минатата година овој период имавме и Велигденска кошница. Но, очекувам сето ова да се стабилизира во овој тековен месец и веќе од следниот месец да имаме инфлација, која што ќе биде под 4%, а доколку имаме стабилизирање на состојбите во Иран, во Заливот, тогаш очекувам да дојдеме до оние бројки кои што до крајот на годината ќе бидат меѓу 2 и 3 отсто – вели Мицкоски.
Прашан дали има опции за мерки и кои се, Мицкоски со одговор дека како Влада немаат голем простор за мерки, освен тоа да влијаат на Данокот на додадена вредност (ДДВ). Претседателот на Владата образложи и дека ако се замрзнат цените и маржите, тогаш тие се прелеваат во другите месеци, а како што рече „тоа се покажа како лоша мерка“.
Прашан дали може таргетирани мерки за одредени производи, Мицкоски потврди дека тоа веќе го прават и како пример ги посочи вешташкото ѓубриво и течниот природен гас.
-Така што имаме таргетирани мерки. Но, сакам да кажам и тоа е многу важно да се истакне, според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ние како држава сме меѓу првите три согласно мерките кои што ги аплицираме, како процент во ДДВ за време на оваа криза-подвлече Мицкоски.