„Рациновото признание“ за 2026 стана драма: Се јави и Катица Ќулавкова


Доделувањето на „Рациновото признание“ за 2026 од свечен чин во Велес се претвори во јавна драма, како во некои кои ги режирал на сцена и годинешниот добитник, театарскиот режисер и театролог Наум Пановски. Тој ја доби наградата за неговата книга „Коста Солев – смртопис“, која требаше да му се врачи на Рациновите средби на 15 јуни. Пановски не беше присутен на врачувањето, а во соопштението што вчера го испрати до медиумите, а го објави и на својот фејсбук профил, вели дека пред церемонијата му испратил на фестивалот видеообраќање, но тоа воопшто не било емитувано. Од Општина Велес, која е организатор на Рациновите средби, на церемонијата само кажаа дека Пановски не е во земјава и  оти наградата ќе му биде врачена накнадно. Како што ќе забележи во својата беседа за добитникот на наградата „Рациново признание“ за 2026, проф. д-р Елизабета Шелева „… освен драмските омажи: ТВ серијата „Црвениот поет“ од Сашо Насев (емитувана 2023), ТВ филмот „Елегии за тебе“ од Данчо Стефков и Васил Зафирчев (емитуван 2013) и драмата „Рацин“ од Сашо Димоски (поставена 2024) – не постои друго дело (особено, во жанрот на прозата) – коешто експлицитно се занимава или му е посветено на Коста Солев како книжевен топос “. 
 
За одбивањето на наградата од страна на Пановски, со реакција на ФБ се јави и академик Катица Ќулавкова која ги отвори годинашните 63. Рацинови средби во Велес.
 
„Реакцијата на Наум Пановски по повод Рациновото признание 2026, неговото писмено обраќање, е без преседан.
Тој го користи Рациновото признание за негативна самопромоција, за неконтролирано искажување гнев и омраза кон се” она за коешто Рацин се залагаше и што го опеа со љубов.
Со ваков нихилистички став недостоинствено е да се прима една угледна награда. Авторот требало недвосмислено да потврди дека ја повлекува својата книга и дека ја одбива наградата уште кога му била соопштена одлуката на Жирито. Одлуката на Жирито, впрочем, не е едногласна, тој тоа го знаел. На ваков начин, авторот си ја потхранува суетата, ама така што ја подјадува целата македонска култура, народ, па и основачот на Рациновото признание.
Во ситуација на омаловажувања од страна, ете успеваме да се омаловажуваме однатре. Вистински романсиер тоа нема да го направи. Ова е она што се вика негативна катарза.
Ако имаш интегритет, откажи се без одлагање, макар годинава да нема добитник. Го имаме извонредниот Димитрие Дурацовски, Зоран Спасов Ѕоф со прекрасен роман како и младите што не можам да ги набројам и коментирам во мигов, ама верувам дека заслужуваат признание, никој од нив не би си дозволил ни на сон ваква драматургија на омраза спрема Македонија“, напиша на ФБ, Ќулавкова.