Путин повторно на вонредна средба со олигарсите
Претседателот на Русија, Владимир Путин, повторно ги повика на вонредна средба членовите на бизнисот и врвните менаџери на најголемите компании во светот. „Иницијативата“ на Путин доаѓа веднаш откако Кремљ објави дека „специјалната воена операција“ во Украина влегува во нова фаза.
Средбата со олигарсите е закажана за денеска. Разговорот е доверлив и ќе се одржи зад затворени врати.
На 24 февруари, кога започна војната, Путин свика состанок на економската елита за да објасни дека економијата е подготвена за можни санкции. Тогаш шефот на Кремљ го повика бизнисот да се справи со проблемите и вети дека ќе им обезбеди на претприемачите подобри услови за работа.
Пред неколку дена, Путин објави дека руската економија претрпела невиден притисок но покажала издржливост и ја стабилизирала инфлацијата, која достигна највисоко нуиво во изминатите 20 години. Сепак, неговата изјава беше во спротивност со предупредувањето на руската централна банка дека резервите на земјата се при крај, како и оценките на меѓународните аналитичари, кои прогнозираат тежок пад на руската економија -за повеќе од 10 проценти, што ќе биде рекорд од 1994 година.