Путин отпуштил уште еден од неговите врвни генерали


Генералот Роман Гаврилов (45), заменик началникот на силите на Владимир Путин  Росгвардија – или Националната гарда – бил приведен поради тврдењата дека „протекувал информации“ кои довеле до многу жртви и  го „трошел расипнички“  толку потребното гориво.

Веста за неговото апсење од страна на Федералната служба за безбедност на Руската Федерација (ФСБ) била потврдена  од три доверливи извори, според истражувачката веб-страница Белингкет. Но, вистинската причина за неговото наводно отпуштање останува нејасна. Истиот извор сугерира дека во Кремљ во моментов се одвива борба за моќ и дека има поделби во владејачката класа. 

„Преторијанците на Путин“, како што ја нарекуваа Националната гарда на Руската Федерација,  се надлежни за внатрешната безбедност, односно борбата против тероризмот, но Путин ги  испратил во „специјалната воена операција“ во Украина. Претходно имаше извештаи дека руските трупи испратени во Белорусија пред инвазијата ги продавале своите резерви на нафта на локалното население.

Порталот на независниот информативен портал Ura.ru пишува дека Гаврилов не бил уапсен туку добил отказ. Според неговите извори, „неговото отпуштање било лично иницирано од директорот на гардата Виктор Золотов“

Апсењето го негира пратеникот Александар Чинстејн. „Апсолутна лага. Само што самиот разговарав со генералот Гаврилов“, напиша тој на Телеграм. Според него, генералот не бил задолжен ниту за логистика.

Украинските, пак, медиуми тврдеа денес дека е убиен уште еден руски командант на воените сили на терен. Полковникот Сергеј Сухарев, командант на 331. Воздушно-десантен полк на Русија, кој бил убиен во Украина вчера, бил директно одговорен за масакрот во Иловајск во 2014 година. Украински извори исто така тврдат дека нивните сили за воздушна одбрана уништија 14 руски воздушни цели, или поточно 7 авиони, 1 хеликоптер, 3 дронови и  3 крстаречки ракети. Американски извори пак вчера потврдија дека досега се убиени околу 10.000 руски војници.

„Некои сакаат да живеат во едноставен свет каде Путин е единствениот одговорен за војната. Реалноста е дека некој всушност фрла бомби врз украинските градови, пука во евакуираните, формира „З“ и го поддржува Путин во анкетите. Како во 1930-тите, тие сносат одговорност, дури и ако се отруени со пропаганда“, им порача денес министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на руските војници кои слепо ги извршуваат наредбите и учествуваат во воените злосторства врз цивилите. Украинските функционери последниве денови постојано ги повикуваат и им даваат гаранции на руските војници дека ќе им овозможат враќање ако го предадат оружјето, а наедно го повикуваат и рускиот Црвен крст да ги собере телата на загинатите Руси во Украина.