Психолози: Раното украсување за празниците е добро за менталното здравје


Фото: Б. Грданоски

Некои луѓе ги украсуваат своите пред Нова година, додека понетрпеливите почнуваат на почетокот на декември, но тој тренд се менува. Сè повеќе луѓе избираат да го внесат празничниот дух во своите домови многу порано, а експертите за ментално здравје велат дека тоа би можело да биде одлична идеја.

Трендот особено се зацврсти во 2020 година, во средината на пандемијата, кога луѓето бараа зрак надеж и радост. Една жена од Охајо во тоа време изјави за Cleveland.com: „Имаше толку многу темнина и вознемиреност и толку многу стрес и дезинформации и апсолутна тортура во 2020 година што ги вклучив светлата затоа што ми требаше. На сите ни требаше.“

Психологот Мелиса Робинсон-Браун смета дека има смисла што луѓето сакаат да влезат во празничниот дух сè порано и порано. „Луѓето копнеат по среќа и радост“, рече таа. Психологот Рајан Хауз се согласува. „Престанете да осудувате. Ако ве прави да се чувствувате добро, ова е годината да го направите тоа“, рече тој. „Ако вашата желба беше да ја започнете празничната сезона во август, слободно и не се срамете.“ Психолозите објаснија некои од клучните придобивки од раното украсување за менталното и емоционалното здравје.

Повикување убави спомени
Поставувањето елка, светла и венци може да предизвика носталгија и да нè потсети на топли празнични моменти од нашето детство. Со рано украсување, го продолжувате времето кога можете да уживате во тие позитивни чувства. „Како психолог, често зборувам за врската помеѓу мислите, емоциите и однесувањето“, вели психологот Ерлангер Тарнер.

„Размислувањето за позитивни слики е еден начин да се помогне во спречувањето на стрес или вознемиреност. Декорирањето на вашиот дом може да послужи како потсетник за позитивни спомени и емоции, што може да биде навистина корисно во промовирањето на радоста и спречувањето на тагата.“

Бидејќи мирисот е исто така силно поврзан со меморијата, размислете да запалите миризлива свеќа или да набавите вистинско дрво за да помогнете во враќањето на спомените. „Ако некој има празничен мирис што предизвикува позитивни емоции или спомени, присуството на тој мирис потенцијално може да му го подобри расположението“, додава психологот Ребека Лесли.

Здраво бегство од секојдневните грижи
Иако е важно да се соочите со вашите чувства, дури и со непријатните, тоа не значи дека мора постојано да бидеме преплавени од грижи. Наоѓањето здрави начини да се одвлечеме од тешките светски настани може да донесе олеснување.

„Лесно е луѓето да се зафатат со она што се случува во медиумите, што може да ги зголеми чувствата на анксиозност и депресија. Раното украсување обезбедува одлично одвлекување на вниманието и пријатна активност за уживање“, објасни Робинсон-Браун.

Чувство на контрола во хаотични времиња
Толку многу од она што се случува во светот е надвор од наша контрола, што може да создаде чувство на немоќ. „Можеме да го направиме својот дел, но потребен е огромен напор од многу луѓе за да се случат овие промени, а тоа придонесува за чувство на беспомошност“, рече Хаус. Затоа, експертите препорачуваат да се фокусирате на она што можеме да го контролираме за да ја ублажиме анксиозноста. Украсувањето на вашиот дом е една таква активност – вие имате моќ да создадете пријатна оаза и покрај хаосот што ве опкружува.

Радување во моментите што претстојат
Во времиња исполнети со неизвесност, тешко е да се изгради позитивно исчекување. Сепак, глетката на празничните декорации може да нè инспирира да сонуваме за добрите времиња што доаѓаат: гледање филмови со семејството, пеење божиќни песни, печење колачиња, слободни денови и отворање подароци. „Во време кога имавме малку што да очекуваме, празниците се добредојдена промена од страв кон возбуда“, заклучи Хауз.

Сепак, празниците не се само радост
Важно е да се нагласи дека празниците можат да бидат и тешко време за многумина, особено за оние кои се сеќаваат на тешко детство или тагуваат поради загубата на близок. „Ако декорирањето исто така буди стресни спомени, декорирањето порано оваа година можеби нема да биде корисно“, забележа Лесли.

Затоа најважно е да го направите она што ви се чини правилно, без разлика дали тоа значи целосно прифаќање на празничниот дух, избегнување на него или нешто помеѓу. „Ако сакате да ги прескокнете празниците оваа година затоа што е премногу исцрпувачки или не носи радост, направете го тоа“, советува Хауз, додавајќи дека се надева дека „можеме да научиме да бидеме посвесни за тоа што навистина нè храни, а што не, и да добиеме дозвола да го следиме она што најмногу го посакуваме“.