Првомајски марш на ССМ: Се бара нов закон за работни односи
Ова денеска го истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски, читајќи го првомајскиот проглас на протестниот марш што во организација на овој синдикат се одржа почнувајќи од пред зградата на синдикатот, пред Собранието, а потоа неговите учесници дојдоа пред Владата каде имаа средба со премиерот Зоран Заев, на која ги изнесоа своите барања.
– Евроатлантските интеграции на Работно-правното законодавство во државата не смеат да резултираат со рестрикции на работничките права. Напротив Синдикатот очекува нивното унапредување и осовременување со крајна цел обезбедување достоинството на трудот на работникот, рече Димовски.
ССМ понудиле текст на нов закон за работни односи и очекуваат истиот да биде сериозно разгледан од нивните социјални партнери. Тие се залагаат за поголеми инвестиции, подобри економски политики и обезбедување на правото за работа за сите, креирање реални и одржливи работни места, повеќе работни места за жените, младите и лицата со попреченост, сигурност на работните места и договори за вработување на неопределено време. Меѓу барањата е и минимална плата од најмалку 13.800 денари, стабилен пензиски систем – стоп за зголемување на границата за пензионирање, зголемување на испратнините при отказ од деловни причини на 12 плати, право на регрес за годишен одмор за сите вработени. Синдикалците денеска упатија и барање за еднаквост и рамноправност на жените, стоп за мобинг и дискриминација, заштита на мајчинството и зголемување на правото на породилно отсуство на 12 месеци, како и воведување на правото на татковство.
Димовски рече дека посочените барања на ССМ се прогресивни, развојни и мотивирачки и додаде дека тие, како и предлог-текстот на новиот закон за работни односи се дадени до Владата и сега таа е на потег.
– Први мај – Меѓународниот ден на трудот ќе го искористиме за уште еднаш да ги изразиме нашите ставови и барања во врска со работничките права за кои сметаме и тврдиме дека им припаѓаат на работниците затоа што се работи за основни и најзначајни човекови права заштитени со националниот Устав и со законите, но и со европските и меѓународните стандарди на трудот, се наведува во прогласот што го прочита Димовски. Додаде дека остро го осудуваат секој обид да бидат ставени на маргините на општеството и да се одлучува за нивната положба и права без нивно учество.
Маршот ССМ секоја година традиционално го организира за да го одбележи Меѓународниот ден на трудот, а оваа година се одржа под мотото „Не може да се ослучува за нас, без нас“.
Фото: Б. Грданоски