Првите автобуси за градскиот превоз Николоски ги очекува во септември
Скопје од септември треба да ја добие првата делница од проектот за Градски воз, кој ќе сообраќа на релација од Зелениково до Транспортниот центар, како и првите 30 нови автобуси, доколку успешно заврши тендерската постапка, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој во гостување во емисијата „Само интервју“ посочи дека тендерот за набавка на автобуси е затворен и во тек е законскиот рок за прием на евентуални понуди по пошта.
„Тендерот за набавка на нови автобуси траеше до понеделникот, согласно закон мораме да почекаме дали нешто ќе стигне по пошта и веднаш по завршување на Велигденските празници ќе влеземе во евалуација. Согласно закон она што можам да го кажам до овој момент е дека имаме четири понуди“, изјави Николоски.
Доколку постапката заврши успешно и се избере најповолна понуда, првите 30 автобуси се очекува да пристигнат во септември.
Тендерот предвидува набавка на вкупно 150 електрични автобуси, од кои 100 се наменети за Скопје, а останатите за другите општини низ државата.