Прв изборен тест за Мицкоски, втора шанса за бојкот


Антикорупциската комисија утре на јавна седница ќе одлучува по најмалку четири приговори за прекршување на Изборниот законик, што ВМРО-ДПМНЕ ги поднела кон крајот на минатата седмица. На претходната седница, пак, ДКСК отфрли девет претставки на опозицијата што се однесуваа на изборниот процес.

Овој пат приговорите на ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат на министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој за време на кампања се пофалил со исплата на субвенции; на општина Гази Баба поради информација во медиумите за обезбедување на училиштата на трошок на локалната самоуправа; на в.д градоначалникот на Ново Село кој дал согласност за 10 нови вработувања и на општина Штип за ангажирање пожарникари за делење огревно дрво на социјално загрозени лица.

ВМРО-ДПМНЕ, според информациите, е единствениот политички субјект досега што алармира до институциите за наводни изборни прекршувања. Во меѓувреме, и кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова во интервју за порталот 24 инфо обвини дека  пред очите на целата јавност се кршат стандардите за фер и демократски избори, посочувајќи дека првенствено мисли на учеството на премиерот и министрите во кампања, како и  на користењето државни ресурси. Како поткрепа на тезите за злоупотреба на државни ресурси беше пласирана  и шпекулација дека министерката за правда Рената Тренеска Дескоска пристигнала на митингот на владејачкатата коалиција во Скопје со службено возило, што експресно беше демантирано.

На прв поглед, станува збор за случаи што тешко може да се споредат со прекршувањата што сега се дел од неколкуте предметите на СЈО за изборни нерегуларности насловени „Титаник“. Но, ваквите поситни забелешки на опозицијата во однос на досегашниот тек на изборниот процес, според проценки во владејачкит табор, ноќта на  21 април можат да бидат искористени како „крупен“ аргумент за оспорување на регуларноста на првиот изборен круг, што потоа би претставувало алиби за евентуален бојкот на второто „полувреме“ од изборите. Во таа насока се посочува и на однесувањето на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за време на референдумот, кога опозицискиот лидер со недели не го соопштуваше својот став во однос на излегувањето на гласање, за потоа да заземе неутрална позиција и на крајот да санкционира дел од оние кои сметаа дека треба да се излезе на избирачките места. Освен тоа, и покрај очигледната апстиненција  која доведе до  големо отстапување во однос на тогашниот цензус од 50 проценти, ВМРО-ДПМНЕ на крајот обвини за крупни нерегуларности во текот на референдумот, па дури и поднесе пријави до обвинителството.

Од друга страна, Силјановска веќе подолго време упатува апели до гласачите да излезат масовно на изборите за да не дозволат, како што вели, Талат Џафери да стане в.д. претседател. Иако ваквиот став таа го аргументира со „опасноста“ изборот на шеф на државата да се префрли во парламентот, во позадина може да се прочита предупредување до вмровското гласачко тело да спречи избор на претседател од друга етничка заедница. Оттаму и произлегува дилемата  дали Силјановска ќе ги „уплаши“ доволно со Џафери гласачите на ВМРО-ДПМНЕ за тие и на 5 мај да излезат на гласање, независно од тоа со колкава разлика меѓу неа и Стево Пендаровски  ќе заврши првото изборно полувреме?

Наспроти  Силјановска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се огласи деновиве со повик до оние кои, како што вели, заговарале бојкот да излезат на гласање. Според него, неуспешни избори, му одговараат единствено на премиерот Зоран Заев, но не појасни зошто смета така.

Анкетите на јавното мислење до вчера укажаа на  умерена предност на Пендаровски пред Силјановска. Сепак, проценките се дека таа предност може  да се зголеми на самото место, со оглед на тоа што во десничарскиот политички табор, во меѓувреме, се искристализира една помала, ама влијателна струја, која отворено се залага за бојкот на целиот процес за избор на претседател. Според тоа, Силјановска веќе во првиот круг не би требала да се надева на гласовите на ова крило.

Престојните претседателски избори, всушност, се прв изборен тест за Мицкоски од неговото доаѓање на лидерската позиција, ако не се смета референдумот на кој ВМРО-ДПМНЕ и така не учествуваше. Тој, на последниот дуел со преимерот Заев го заобиколи одговорот дали ќе понесе некава одговорност доколку опозициската кандидатка за претседател ги изгуби изборите. Затоа, пак, рече дека опозицијата нема да го бојкотира вториот круг, доколку, како што потенцираше, изборите бидат кристално чисти.

Последните локални избори – во 2017 година, пак, беа прв изборен циклус по смената на власта на „Илинденска“, на кои СДСМ однесе убедлива победа над ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш првичната оценка на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР беше дека  изборите биле добро организирани, мирни и во согласност со меѓународните стандарди, како и дека придонеле за зајакнување на довербата во демократските процеси.

По завршувањето на изборите, првиот предизвик со кој ќе се соочи државата е одлуката на ЕУ околу почетокот на преговорите,. Од тој аспект, престојните избори се сметаат за еден од клучните критериуми според кои ќе се оценува напредокот на земјава, покрај решавањето на статусот на СЈО. Од Брисел во меѓувреме доаѓаа апели за учество на сите политички фактори во земјава во целиот изборен процес. Сепак, според владини извори, клучно е да се обезбедат регуларни, мирни, фер и демократски избори. Во однос на  исходот од гласањето, пак, се проценува дека  успешноста на изборите е  мошне важен аспект за одржувањето на политичката стабилност во државата, но веројатно нема да биде пресудна при носењето на  одлуката за почетокот на преговорите. Александра М. Митевска